Партиите на Албанците остро реагираа на изјавата на претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски. Според него, СМС-пораките за прекршоци треба да бидат само на македонски и англиски јазик, но не и на албански. Потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, побара негова итна оставка.
„Повеќе од две години претседателот на Уставниот суд не се однесува како претседател на тој орган, а истото важи и за некои други судии. Од формирањето на оваа влада се забележува јасна националистичка тенденција, без правна аргументација. Неговата вчерашна изјава е само манифестација на таа тенденција која ја формализирал и во многу други одлуки, со што ги нарушил меѓуетничките односи во земјата. Затоа неговата оставка е неопходна – што е можно поскоро, и тој и другите што размислуваат како него“, изјави Арбер Адеми, потпретседател на ДУИ.
Уставниот суд ги одби и двете иницијативи поднесени од пратениците на Алијансата за Албанците – онаа на Зијадин Села и онаа на Арбен Таравари. Пратеникот Елми Азири изјави дека ставовите на некои уставни судии се синхронизирани со антиалбански политички кругови кои имаат омраза кон албанскиот јазик.
„Се наоѓаме во парадоксална и апсурдна ситуација: она што го дозволува Уставот не е регулирано со закон, а она што се операционализира со закон во понатамошните чекори се оспорува од други институции. Она што е регулирано со закон, а не е регулирано со Устав, го оспорува Уставот. Значи имаме ќор-сокак, како што беше случајот со Законот за правична и соодветна застапеност, со употребата на албанскиот јазик и со последниот случај ’Safe City‘. За жал, се покажува подготвеност да се врати менталитетот на градење држава како во времето на плурализмот од 90-тите години“, изјави Елми Азири, пратеник од АА на Села.
Од ВЛЕН велат дека изјавите на Костадиновски се ниски и дополнително ја рушат довербата во правосудниот систем во земјата. Шефот на пратеничката група на ВЛЕН, Беким Ќоку, изјави дека Костадиновски дал шовинистички изјави кои не биле за заштита на Уставот, туку за уште повеќе да се продлабочат законските прекршувања што се прават кон Албанците и нивниот мајчин јазик.
„И примерите што ги даде, симболиката со коњот или кога рече дека треба да се користи англискиот јазик затоа што доаѓаат странци, се неосновани и невистинити. Ние немаме телефонски броеви на странци во државата – тие не се во листата на овој систем каде што се регистрирани броевите и е-маил адресите на нашите граѓани. Таквите националистички изјави се бесмислени и непотребни, и можам да кажам и шовинистички“, изјави Беким Ќоку, пратеник од ВЛЕН.
Отфрлените иницијативи поднесени од Алијансата за Албанците на Села и на Таравари го покренаа не само прашањето за јазикот, туку и прашањето за селективната територијална примена на овој закон – само во градовите Скопје, Тетово и Куманово. Минатата година пратениците од ДУИ покренаа интерпелација за разрешување на Костадиновски од функцијата претседател на Уставниот суд, но таа не беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ, ниту беше ставена на дневен ред на 59-тата седница.
