Референдумот е враќање назад вели Ковачевски – ВМРО-ДПМНЕ: Тоа е демократски чин, а е чекор назад само за Ковачевски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Власта и опозицијата и натаму се на различни позиции и се препукуваат околу предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да се организира референдум за францускиот предлог.

Премиерот Димитар Ковачевски во вчерашното интервју на Канал 5 рече дека со отпочнувањето на преговорите се отвора нова страница за развој на државата, а референдумот би било само враќање назад во процесот на преговорите со Европската унија. .

„Еден таков референдум само ќе биде враќање назад, правење на трошоци и трето, сметам дека тој единствено е за внатрешна политичка употреба во ВМРО-ДПМНЕ. И практично дискусијата која што се води, во моментов има само две политички партии кои што се против членството во Европската унија а тоа е ВМРО-ДПМНЕ кои што не ги ни поддржаа заклучоците во Собранието туку напуштија и Левица“, вели Димитар Ковачевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека со ваквиот став Ковачевски го навредил народот и дека тој е против референдум бидејќи, како што велат, знае дека народот нема да даде поддршка на преговарачката рамка која значи бугаризација и асимилација.

„Јас не гледам како најдемократскиот начин на изразување на волјата на граѓаните а тоа е директен референдум кој што е врв на демократијата во најразвиените држави може да е чекор наназад. Како е возможно изјаснувањето на секој еден граѓанин за битна, а ова е најбитна тема, може да е чекор наназад. Очигледно тоа е чекор наназад само за Ковачевски кој што се плаши од волјата на народот и кој што се плаши од резултатот на референдумот“, порача Александар Николоски.

Во врска со референдумот деновиве во магазинот на ТВ21 Клик плус новинарот Зоран Иванов рече дека оваа иницијатива е сосема непотребна а дека најверојатно и нема да успее.

„Референдумот нема да реши ништо, прво нема ни да успее 900 илјади гласа да се соберат, прво нема луѓе да излезат толку на референдум, тоа е една работа, второ класично партиска е иницијативата за кревање на рејтингот и мобилизација за евентуални предвремени избори. Околу референдумот значи нема ни потреба и нема ни да успее, на тој начин, но ајде малку емоции поготово кај македонската етничка заедница“, порача Зоран Иванов.

Иако најавија дека наскоро ќе излезат со решение, опозициската ВМРО-ДПМНЕ се уште немаат  конкретен став на што би се однесувал референдумот и како би го дефинирале прашањето. Велат дека и натаму се водат консултации со експерти за овие прашања.