Состојбата во регионот е стабилна и нема безбедносни закани, но сепак постојат инциденти и тензии истакна генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на заедничката прес конференција по одржувањето на неформалниот состанок на лидерите на НАТО во Скопје. Време е да се надминат регионалните конфликти кои што предолго траат порача првиот човек на Алијансата Столтенберг.
„Ние не гледаме некоја воена закана против некој од сојузниците на НАТО во овој регион, но она што го гледаме е зголемувањето на тензиите особено на Косово. Исто така гледаме и дека има тензии кои што се јавуваат и во Босна и Херцеговина но не гледаме директна воена закана против која било од земјите во регионот“, вели Јенс Столтенберг.
На Косово го зголемивме нашето присуство со околу илјада дополнителни трупи и со потешко вооружување.
За безбедносната состојба во земјава говореше премерот Ковачевски кој истакна дека таа е стабилна и не постојат ризици.
„Безбедносната состојба во нашата држава е стабилна и не постојат никакви индиции за било какво нарушување. Системот на превенција, системот на заедничко работење со централата на НАТО во Брисел преку нашата претставничка мисија, меѓутоа и директната соработка со земјите членки на НАТО функционира на беспрекорно ниво и затоа нашите граѓаните треба да бидат и среќни и горди дека живеат во земја членка на НАТО која што има исклучително ниво на безбедност“, порача Димитар Ковачевски.
НАТО да биде поприсутно на Косово и да се гарантираат границите меѓу Србија и Косово, побара премиерот на Албанија Еди Рама. Според него во во иднина треба да се одржуваат вакви состаноци со земјите од регионот и тоа не само со членките туку и со земјите партнери од регионов.
„Во текот на состанокот укажав на неопходноста да се зголемат бројот на силите на НАТО на Косово и на неопходноста да се гарантира границата меѓу Косово и Србија, граница која што фактички е вон контрола и е во служба на илегални активности“, порача Еди Рама.
Инаку пред самиот почеток на состанокот генералниот секретар Столтенберг ја искористи можноста од Скопје да го поздрави привремениот договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас. Овој договор ќе придонесе за ослободување на дел од заложниците од двете страни и за пристигнување на хуманитарна помош, рече Столтенберг.
