Околу 2 милиони тони јаглен се очекува да се извади од локалитетот Гуштерица кај термоцентралата „Осломеј“ во Кичево. Само за оваа грејна сезона се очекува од ова место да се искористат 150 илјади тони јаглен. Со ова, во наредните четири години, РЕК „Осломеј“ ќе се снабдува со сопствен јаглен и нема да има потреба да се носи од странство, изјави генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, рече дека со ова, земјава многу полесно ќе се справи со енергетската криза. Додава дека РЕК „Осломеј“ годинава срушил рекорди во последна деценија со своето производство.
„Годинава ги урнаа рекордите од последната деценија во однос на работа и производство од оваа термоцентрала, со единствена цел – цената на струјата да биде пониска за потребите на регуларниот пазар и да се создаде простор да можеме да вклучиме и други корисници на електрична енергија“, вели Крешник Бектеши.
Првиот човек на ЕСМ, Ковачевски вели дека инвестицијата која се прави во моментов ги демантира наводите на опозицијата дека термоцентралата „Осломеј“ ќе биде затворена периодов и дека работниците ќе бидат отпуштени од работа.
