Судечкиот совет не го започна денешното рочиште за случајот „Рекет“. Повеќе од еден час се чекаше првообвинетиот Бојан Јовановски да биде спороведен од затворот во Шутка, но тоа не се случи. Судијката Васка Николовска Масевска рече дека добила лекарски извештај од докторот во затворот дека Јовановски не е во состојба да го следи рочиштето.
„Судот даде наредба тим од лекари од Клиничкиот центар да го прегледа дали е способен тој да биде детално прегледан и да добие јасна „слика“ дали Јовановски е способен или не да го прати процесот.“, рече Николовска-Масевска.
Неговиот адвокат, Сашко Дуковски вели дека веќе подолг период тие информирале дека Бојан Јовановски не е во состојба да го следи судењето и активно да ја подготвува својата одбрана. Додава дека постапката е надвор од сите стандарди и спротивна на законот за кривична постапка.
„Јас секојдневно го посетувам и пред мене се случува да повраќа крв. Тој е во многу лоша здравствена состојба. Покрај 20 документи, каде што пишува дека треба да се спроведе хигиено-диететски режим, при совет за ршење на операција од страна на клиниката за дигестивна хирургија, при констатиран карцином на желудник. Јас не знам каква медицинска документација треба, за да се достави за да престане оваа шпанска серија, дека обвинетиот е здрав.“, рече Дуковски.
Судскиот процес за „Рекет“ се наоѓа во доказна постапка и треба да продолжи со презентирање докази. На претходното рочиште, меѓудругото, беа презентирани и извештаи од вештачењето од мобилните телефони на Јовановски за комуникација на Ватсап меѓу Боки-13 и обвинетата поранешна специјална јавна обвинителка Катица Јанева и негови допишувања со Камчев и со пратеничката од СДСМ и потпретседателка на Собранието Фросина Ременски.
Наредното рочиште е закажано за утре.
