Реконструкција на Владата по изборите – Мицкоски воедно најави смени и во ВМРО-ДПМНЕ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По локалните избори ќе има реконструкција на Владата. Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски во кое воедно рече и дека планира да направи и промени во партијата. Тој притоа не кажа од колку и од кои министри не е задоволен и дали реконструкцијата ќе биде поттикната бидејќи дел од министрите главно од ВРЕДИ ги објавија своите кандидатури за градоначалнички позиции.

Ниту една функција не е загарантирана ниту вечна. И затоа веднаш, после овие избори ќе ги отвориме вратите на партијата за нови смени и за нови луѓе. И во Владата ќе има реконструкција и подобрување и поголема динамика на капацитетите, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Тој воедно им порача на интегративците дека овие избори нема да претставуваат отворање на вратата на ДУИ за во Влада и дека заедно со СДСМ ќе останат во опозиција поради тоа што не ги научиле лекциите.

-Еден човек ми вели го готвите ДУИ да ви биде партнер во Владата. Мојот директен одговор е ДУИ уште долго време ќе биде опозиција затоа што досега не научи ниту една лекција. Тие таму припаѓаат со нивниот коалициски пајташ во криминалот и ударите во Македонија СДСМ. Јас ќе бидам многу јасен и многу прецизен, овие избори нема да бидат вратата на Демократската унија за интеграција во Владата, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Од ДУИ веднаш стигна реакција во која велат дека изјавите на премиерот Мицкоски се клевети и неуспешен обид да ја скрие кризата на легитимитетот на неговата моноетничка влада и претставуваат поттик за етнички судири.

Октомвриските избори ќе бидат тест на граѓанската волја, ќе бидат референдум, на кој граѓаните ќе ја казнат политиката на страв, манипулации, демонтажа на мултиетничката држава и поделби. Демократијата не се плаши од вакви невистинити изјави – ниту Албанците, ниту Македонците не заслужуваат да бидат водени од клевети и лажни сценарија. А каде ќе биде ДУИ, тоа зависи единствено од народот, велат од ДУИ.

Мицкоски воедно ги обвини СДСМ и ДУИ дека подготвуваат,, како што рече, валкани игри и политичка манипулација за изборите. Со фантомски листи сакаат намерно да го збунат гласачот и да го урнат изборниот процес, рече Мицкоски.