По тројца до четворица студенти на клупа. Ова е една од просториите каде следат предавања студентите на Универзитетот „Мајка Тереза“. Во тек е изградба на нова зграда во касарната „Илинден“, но до каде се работите и кога ќе завршат не можевме да дознаеме. Ректорот на овој универзитет Изет Зеќири одби да одговори на прашањето на ТВ21.
Репортер: До каде се работите за универзитетскиот објект?
Изет Зеќири: Ќе влеземе внатре, повелете таму…
Репортер: Одвојте малку време за медиумите.
Го прашавме и министерот за образование Јетон Шаќири, но и тој немаше никакви информации.
Репортер: Министре, знаете ли до каде се работите за новиот објект на овој универзитет, бидејќи ректорот си замина?
„Тоа што досега го постигнавме како министерство со владина одлука, дадовме објекти, го адаптиравме проектот што помина. Во моментов не ги знам процедурите на универзитетот“, изјави министерот за образование, Јетон Шаќири.
Ниту студентите немаа информации кога ќе се градат новите амфитеатри. Велат дека би било добро да има добри услови за учење, но и сегашните простории не се лоши.
– Потребно е да има поголеми простории, но… дали е тесно овде? Не знам за новите простории, ама догодина ни кажаа, сега не знам.
– Мислам дека објектот е доволен, но доколку имаше некој објект со подобри услови, верувам дека ќе можевме да се преместиме и таму.
– Верувам дека е доволно за оние кои сакаат да учат.
-Што мислиш?
-Мислам дека секогаш може подобро, но за сега е добро.
Инаку, во 2016 година беше кажано дека земјиштето во касарната „Илинден“ е одредено да биде во служба на овој универзитет. Во април годинава, за време на неговото стапување на ректорската функција, Зеќири изјави дека приоритет е касарната „Илинден“ да стане универзитет „Мајка Тереза“. Инаку, студентите предавањата ги одржуваат во просториите на зградата на Сојузот на синдикати и во основното училиште „Битолски Конгрес“ во Скопје.
