Имран Фетаи кариерата ќе ја продолжи во романската Суперлига, откако Динамо Букурешт официјално ја активираше откупната клаузула од неговиот договор со Шкендија.
Македонскиот вицешампион ја потврди разделбата со дефанзивецот, наведувајќи дека со исполнувањето на сите договорни обврски и завршувањето на административните процедури, фудбалерот ќе му се приклучи на новиот клуб.
Од Шкендија истакнаа дека трансферот е реализиран согласно условите предвидени во договорот, а на Фетаи му се заблагодарија за професионалниот однос и придонесот што го даде во црвено-црниот дрес.
„Му благодариме на Имран Фетаи за сè што направи за клубот и му посакуваме многу успеси во понатамошната кариера“, порачаа од тетовскиот клуб.
Со преселбата во Динамо Букурешт, Фетаи ќе добие можност да се докажува во едно од најсилните првенства во регионот, настапувајќи за клуб со богата традиција и големи амбиции.
