Додека за протестот на студентите, на кој беше побарано правосудниот испит да се полага и на албански јазик, министерот за правда Игор Филков реагираше велејќи дека „македонскиот јазик не е пречка, туку обврска, уставна вредност и гаранција за функционирањето на државата“, премиерот Мицкоски и лидерите на ВЛЕН веќе уверуваат дека ќе се најде решение за ова прашање.
„Она што ние како Влада моментално го работиме е да обезбедиме трајно решение со кое овој, но и други проблеми што ги имаме од минатото, ќе бидат решени. Го осудувам однесувањето на опозициската Демократска унија за интеграција, бидејќи имаа 20 години време да ги решат овие прашања, но не направија ништо“, вели Христијан Мицкоски.
Апсолутно, секое решение како закон ќе биде испратено до Венецијанската комисија.
• И ова?
• Апсолутно да.
Дека законското решение ќе биде испратено за мислење до Венецијанската комисија, потврди и ко-претседателот на ВЛЕН, Билал Касами, кој рече дека искуството со Законот за употреба на јазиците ги тера сериозно да размислуваат секое законско решение за правата на заедниците да биде оценето и од Венецијанската комисија.
„Јас кажав дека во текот на јуни ќе започне постапката за дополнување на законот за правосудниот испит и веруваме дека, во рамки на тоа што го кажа и господинот Меџити, во рок од три месеци ќе имаме конечен резултат и законско решение“, вели Биљал Касами.
За разлика од оптимистичните изјави на владините партнери ВМРО дпмне –ВЛЕН за решение, реториката на министерот за правда Филков вчера беше многу поостра. Тој дури напиша дека „обидите законската обврска за познавање на македонскиот јазик да се претстави како дискриминација се опасна манипулација со јавноста и директен удар врз уставниот поредок“.
„Македонскиот јазик е службен јазик на целата територија на Северна Македонија и темел на институционалниот и правниот систем. Недозволиво е чувствителни теми што директно го засегаат правниот систем да се користат за собирање политички поени или за создавање меѓуетнички тензии. Правосудниот испит се спроведува согласно важечките закони и професионалните стандарди, а не според дневнополитички агенди или притисоци од улица“, порача Игор Филков.
Прашан за ова, Касами рече дека Филков води политика со која би го оправдале неговото разрешување при реконструкцијата на Владата.
„И во пресрет на владините промени, за жал чувствувам дека господинот Филков повеќе води политика, би рекол за своја промоција и евентуално за да го оправда своето разрешување, отколку политика како министер кој треба да ги претставува сите граѓани. Особено што, ако Владата и Парламентот донесат закон, господинот Филков и кој било друг треба да го почитува тој закон“, вели Биљал Касами.
Инаку, Филков во вчерашната реакција исто така рече дека Министерството за правда останува отворено за аргументиран институционален дијалог, но додаде дека нема да дозволи девалвирање на судскиот систем, ниту поткопување на улогата на македонскиот јазик како столб на државноста и институционалниот поредок.
