Македонија ќе може да се снабдува со гас од повеќе извори преку Бугарија. Ова стана возможно денеска по потпишувањето на Договорот за меѓусистемско поврзување за снабдување и дистрибуција на гас на приклучната точка Ќустендил-Жидилово помеѓу ГА-МА ША и Булгартрансгаз ЕАД.
Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека тоа е историски момент и дека со потпишувањето на овој договор се отвора можност за зголемување на сегашниот капацитет на гасоводот со Бугарија.
-Важен ден, можам слободно да кажам историски ден, за енергетскиот сектор во нашата земја, каде од 1 јануари ќе се ослободи капацитетот на природен гас, кој ќе се транспортира во нашата земја за потребите за греење, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.
Техничкиот капацитет на местото на испорака ќе биде 3.044.000 метри кубни, што значи дека техничкиот капацитет ќе се зголеми за 500.000 метри кубни со можност за ослободување дополнителни сегашни неискористени капацитети. Бектеши вели дека со тоа ќе се стави крај на монополската улога на некои компании со транспортот на природен гас.
-Важно е да се додаде фактот дека по осамостојувањето на нашата држава, за прв пат пазарот на природен гас се реализира во рамките на директивите на ЕУ и се зголемува конкуренцијата во делот на трговијата со природен гас во нашата држава и монополската улога на одредени компании кои транспортирале природен гас со години ќе престане засекогаш, рече Бектеши.
Исто така, овој Договор ја менува методологијата за пресметување на износот на гасот и начинот на утврдување на квалитетот на гасот и неговата редовна анализа и проверка, односно мерењето на енергијата наместо да се претвори во киловат часови наместо во метар кубен на референтна температура од 20℃ . Договорот ќе се применува од 01.01.2023 година.
