Ретките моменти на Заев и Шекеринска – по празниците ќе биде познато кој би ја заменил Шекеринска

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Заев иако уверува дека со вториот човек на партијата Радмила Шекеринска имаат многу блиски релации и соработка сепак паѓа во очи фактот дека извесен период наназад тие немаат заеднички настап во јавноста.

Министерката Шекеринска во јуни минатата година беше во посета на Криволак.  Иако Заев често може да го видиме на увид на изградба на објекти или патишта со други министри, таму не беше.

Не се појави ниту на посетата на Шекеринска и американската амбасадорка Брнз на Криволак пред два месеца.

Ниту на американската донација од почетокот на март. Од ретките заеднички настапи на Заев и Шекеринска, неизбежна беше онаа на одбележувањето на првата годишнина од членството во НАТО на која присуствуваа и високи личности од Алијансата.

Но Заев, ова го негира, вели дека има постојани активности со министерката Шекеринска.

„Оваа година беше, една година од НАТО, па имавме настан во одбрана, па имавме настан во касарната, па имавме настан на Криволак, па имавме настан, Куманово Југоисточна Европа центарот што се отвора. Јас најголем дел од времето го поминувам со моите први соработници. Само следете го времето е пред нас, ќе видите дека се работи за искрено другарство и пријателство, кое што секако, некако ќе продолжи да работи“, истакна Зоран Заев.

По осум години Шекеринска како заменик претседател на СДСМ се повлекува од оваа висока партиска функција, односно дека на изборниот конгрес на 16 мај нема да се кандидира за оваа позиција. Идниот втор човек на партијата ќе го гласаат делегатите но на предлог на лидерот. Кого ќе предложи Заев?

„Уште е рано, заради тоа што се уште траат постапките на локално ниво каде што се делегираат од месните одбори, месните организации, извршните одбори и општинските конференции кандидати за Надзорен одбор за Централен одбор и за сите други функции. Мислам дека завршуваат крајот на овој викенд или крајот на април“, порача Зоран Заев.

По парламентарните избори во јули, од политиката си замина и поранешниот министер Дамјан Манчевски. Во партиското проветрување во 2019 година Александар Кирацовски беше разрешен од позицијата генерален секретар на партијата, а Фросина Ременски не беше избрана за потпретседател на партијата.