Револтиран возач по мерките за укинување на превозот во Тетово: „Подобро во затвор, отколку децата да бидат без леб“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ова е Хазби Ракипи. Тој секој ден превезува патници на релација Тетово-Боговиње и обратно. Со новата одлука на Кризниот штаб за пандемијата Ковид-19 во Тетово, привремено ќе биде во прекин и работата на Хазби. Тој бара од Владата да обезбеди помош за него и за сите негови колеги, бидејќи како што вели, не можат да ги прехранат нивните деца. Хазби додава дека тој повторно ќе оди на неговото работно место, револтиран вели – подобро во затвор, отколку децата да гладуваат.

-Би ја повикал Владата да ни дозволи да работиме, или пак да ни донесат помош дома. Јас друго решение немам. И казна нека ми пишат. Подобрo утре во затвор нека ме однесат, отколку децата без леб да ги оставам-вели Хазби Ракипи.

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, вели дека најважно е здравјето на граѓаните, додавајќи дека ако се намали бројот на заразени во регионот, оваа мерка ќе биде прва укината.

-Главен приоритет е заштитата на здравјето. Како што гледате, зголемувањето на случаите во општина, движењето во групи во општини, преставува голем ризик-рече Арифи.

Но, во Тетово по завршувањето на 85-часовниот полициски час владееше вистински хаос – густ метеж по улици, гужви на пазар и пред банките. Пред аптеки сретнавме граѓани кои чекаа да купат маски. Велат дека ако Владата одлучила сите граѓани да носат маски, тогаш потребна е сериозна набавка, бидејќи како што објаснуваат, тие не можат да купуваат маски секој ден.

-Една маска чини од 50 до 100 денари, а народот не може да ги купи. Владата треба да помогне, ако не помогне тогаш народот треба да ги задржи маските, бидејќи немаат можност да ги купуваат.

-Не можеме секој ден да купуваме по две. Треба Владата да подели маски.

Но, локалните власти побараа од Владата – во Тетово маските да не се задолжителни на улици, туку само во затворени простории.

-Носењето маски да важи само за затворени простори. Како предлог и барање е прифатено од Комисијата за заразни болести и верувам дека и Владата ќе одлучи оваа мерка да важи само за затворените амбиенти.-рече Арифи.

Во Тетово и околните општини се регистрирани 3 нови случаи на Ковид-19, со што вкупниот број на заразени се искачи на 60.