Ризик да останаме без кадар во пандемија? – Здравствените работници 7 месеци на првата борбена линија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Седум и пол месеци поминаа од појавувањето на епидемијата Ковид-19 во нашата земја. Битката на првата линија на фронтот против коронавирус ја водат токму здравствените работници. Оваа битка, физички и психички го истошти медицинскиот кадар. И додека нашата земја се подготвува за вториот бран на вирусот, само изминатата недела 3 медицински сестри поднесоа оставка од Клиниката за инфективни болести во Скопје. Дали ова значи дека Ковид-центрите, но и останатите болници ризикуваат да останат без персонал? Инфектологот Фадиљ Цана, не исклучува ваква можност.

„Дали навистина може во овој период да се зборува за можноста Клиниката за инфективни болести да остане без медицински кадар? Дали ова е возможно? Мислам дека за ова треба да се погрижи Министерството за здравство“, посочи Фадиљ Цана.


За да ги мотивира здравствените работници, Владата одлучи во јуни и јули да ги награди со зголемување на платата за 20%. Но, и оваа мерка не е доволна, вели претседателката на Здружението на медицински сестри.

Поплаки за макотрпната работа има и во Центрите за јавно здравје, каде има мал број епидемиолози.

„Искрено да ви кажам изморени сме, едвај успеавме неколку дена да одмориме, бидејќи немаше кој да работи, а имаше и зголемување на бројот на случаи, особено последната недела. Нашата работа навистина е многу важна. Не можеме да предвидиме од сега колкава ќе биде бројката и каква ќе биде состојбата со сезоната на грипот. Туку што влеговме во есен и очекуваме високи бројки“, порача Љуљзиме Бајрами. 

Инаку, во Северна Македонија има 85 инфектолози, но не се сите вклучени во борбата против пандемијата Ковид-19. Земјата брои околу 7.500 медицински сестри, додека според Здружението на 2 милиони жители треба да има 15 илјади медицински сестри. Ова значи дека и во нормално услови има дефицит за 50%. Повеќето од нив чекаат да се отворат границите за да си заминат од државата, додаваат од здружението. Поради тешката ситуација, лекарите апелираат граѓаните да бидат повнимателни и да придонесат сите заедно да ја надминеме пандемијата.