Роденден без старите фаци – СДСМ-партија која на албанскиот јазик се сеќава само пред избори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Синоќа Социјалдемократскиот сојуз на Македонија го прослави 31 роденден. Тортата беше голема, доволна за сите присутни. Ја „красеа“  двете лога на партијата – новото со црвено бели букви СДСМ, и старото со ѕвезда и роза кое доаѓа од комунистичкото потекло на партијата. Партискиот лидер, Димитар Ковачевски го искористи настанот за да упати уште една порака до Софија.

Ковачевски вети дека ќе продолжи да бара решение со Бугарија, но зачувувајќи го достоинството, бидејќи, како што рече „никој нема право да си поигрува со достоинството на нашиот народ“.  И додека актуелните функционери на СДСМ, а и на Владата се трудат да постигнат компромис за историскиот проблем со Софија, на роденденот на партијата не беа видени оние кои го решија спорот околу името со Грција. На прославата не дојде поранешниот лидер и премиер, Зоран Заев, поранешната потпретседателка Радмила Шекеринска, како и екс-министерката во Владата Заев 1 и 2, Мила Царовска.

Заев и Царовска не ни одговорија на прашањето – дали биле поканети на роденденот, додека Шекеринска само кратко кажа дека „не добила таква покана“.

На прашањето зошто поранешните функционери не се присутни, Ковачевски, синоќешната дружба не ја нарече прослава, туку рече дека имале седница на Централниот одбор, каде во проширен состав освен членовите на одборот, присуствувале и претседатели на општински организации, пратеници, министри и заменици-министри.

Министерот за внатрешни работи, некогашен потпретседател на партијата, Оливер Спасовски, седеше во вториот ред, заедно со министерот за транспорт, Благој Бочварски. Меѓу присутните кои зафатија место во првиот ред беа градоначалниците Костадин Костадинов и Перо Костадинов, пратеничката Снежана Калевска-Ванчевска, министрите Бојан Маричиќ и Јована Тренчевска, потпретседателите Стефан Богоев и Фатмир Битиќи, истовремено и вицепремиер.

Всушност Битиќи е единствениот Албанец кој може да се забележи на официјалните фотографии на СДСМ, бидејќи другиот, Мухамед Зекири е во притвор.

А, кога сме веќе кај СДСМ и Албанците, може да се спомне дека партијата се сеќава на албанскиот јазик само пред избори. Албанската верзија на веб-страницата на партијата последен пат е ажурирана во декември 2021 година пред внатрепартиските избори. Толку ретко се проверува што од страна сѐ уште стои Фејсбук профилот на поранешниот претседател, Заев, додека на македонската страница е поставен профилот на Ковачевски. Ништо подобар не е ни фејсбук фан страната на партијата на албански јазик. Последната објава е направена кога Димитар Ковачевски беше избран за лидер во декември минатата година.