Овој граѓанин што го сретнавме денеска во близина на тетовската болница, тврди дека влегува во ковид-центарот каде се грижи за своите блиски. Како што вели, таму има уште едно лице кое исто така се грижи за заразен член од семејството. Повеќето пациенти кои се хоспитализирани тука, имаат по еден близок роднина, раскажува тој, додавајќи дека сѐ уште има дефицит на медицински кадар.
-Третманот можам да кажам дека е никаков. За пациентите се грижат други луѓе, во најголем број од случаите тоа се членови на семејството, има многу работи кои не се добри. Јас ги разбирам лекарите, и тие немаат персонал, но персонал мора да има… Некој мора да доаѓа од моето семејство, ние само шириме вирус, ретко има заштита, немаат пари за да ги купат-вели граѓанин.
Новинар: Денеска, 11 септември, сабота, внатре има лице кое се грижи за твојот роднина?
-Да, да има луѓе. Не само јас, повеќето имаат. 100% од лицата се под грижа на роднините.
Здравствените власти продолжуваат да негираат вакво нешто. Координаторот на ковид-центарот пак, Гзим Нуредини вели дека нема информации оти блиски членови на заразен пациент влегуваат во болницата.
-Ова го слушам од вас. Честопати се спомнуваше и секојпат велевме дека тоа не само што е казниво со закон, туку е казниво и со протокол. Во време на пандемија никој не смее да влезе без да биде заштитен со анти-ковид мерките бидејќи може да ги стави во опасност и другите.-изјави Нуредини.
И министерот за здравство Венко Филипче изјави дека нема информации за вакво нешто. Инаку, двајца од 14 жртви кои настрадаа во пожарот во модуларната болница во Тетово, не биле пациенти, туку роднини кои во моментот на несреќата се грижеле за своите блиски. Од друга страна, еден од повредените беше спасен од сопругата која била внатре и која при избувнување на пожарот успеала да го изнесе преку прозорец.
