Родова еднаквост во министерските функции, ДУИ предвидела жена за другите ешалони

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Четири жени министри ќе има во новата Влада за која ќе расправа новиот парламентарен состав, а мора да се гласа најдоцна до полноќ. Од 19 министерства, само 4 им припаѓаат на жените. Сите се од редовите на СДСМ. Мила Царовска, министерка за образование, Радмила Шекеринска во Министерството за одбрана, Ирена Стефова во културата и Јагода Шахпаска во Министерството за труд и социјална политика.

„Ние остануваме на ставот да има 50 проценти мажи 50 проценти жени“, вели Колева. .

ДУИ нема предложено ниту една жена за министерската функција, но Артан Груби од оваа партија вели дека предвиделе жените да раководат на други ешалони.

„Првиот ешалон не е единствениот, имаме заменик министри, државни секретари и директори. Знаете дека ДУИ беше предводник во предлагањето жени.“, изјави Груби.

Скендер Реџепи Зејди рече дека рајот е под нозете на мајката и дека треба да почнеме од тој принцип.

„Ние треба да бидеме протагонисти на зачувувањето на вредностите за родова еднаквост и во тој аспект ние секогаш треба да почнеме од тој принцип. Да не заборавиме дека рајот е под нозете на мајката.“, рече Реџепи Зејди.

Пратеничката Маја Морачанин смета дека бројот на жените е понизок од тој што бараат тие.

„Вкупниот број на жени е понизок од тоа што ние го бараме а тоа е барем половина пратениците да бидат жени.“, изјави Морачанин.

Антонио Милошоски вели дека имаме машка Влада бидејќи СДСМ манипулирала со своите ветувања.

„Тие што најмногу збореа дека треба да има родова еднаквост најмногу потфрлија во исполнувањето. Гледам дека Владата е машка Влада.“, изјави Милошоски.

За разлика од извршната власт, овој парламентарен состав е блиску легалната квота од 40%. 43 мандати добија жените, а 77 мажите, во новиот парламентарен состав.