Германскиот министер за Европа Михаел Рот пред почетокот на седницата на Советот за општи работи рече дека поради билатералните барања на Бугарија, на кои не се приклучија другите 26 земји членки, Северна Македонија не може да ги почне преговорите со Европската унија. Тој предупреди дека блокадата може да предизвика безбедносни проблеми во регионот.
„Како претседавач со Европската унија правиме се што можеме за во најбрз рок да се дојде до компромис и да се одржи првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија, а по исполнувањето на некои дополнителни услови и со Албанија. Се друго ќе биде тешка политичка грешка со цена по стабилноста и безбедноста на Западниот Балкан и тоа тешко ќе ја загрози и безбедноста на Европа. За тоа треба сите да бидат свесни“, истакна Михаел Рот.
Ова е голем удар за европската политика кон Балканот, оценува вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кој додава дека и покрај се остануваме во процесот на преговори со Бугарија.
„Ќе продолжиме да разговараме со соседна Бугарија и ќе продолжиме да ги убедуваме дека не може правото на самоопределување да биде пречка за европски интеграции или за добрососедство. Германското претседателство силно турка напред за ова да успее, меѓу другото верувајќи дека процесот на европеизација на Балканот е важен за ЕУ и во безбедносна смисла и во политичка смисла и во економска смисла и ние тоа високо го цениме“, посочи Никола Димитров.
Нема отстапување од натаможните заложби за членство во Европската унија и ние ќе работиме и натаму и на преговорите и на реформите за да ја постигнеме целта. Ова го изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи кој рече дека очекува во иднина, особено по изборите во Бугарија да се намалат емоциите.
„Ако имаше едно исто чисто досие по однос на исполнување на критериуми за започнување на преговори тоа беше досието на Република Северна Македонија. Овој процес, мора да сфатиме дека е обременет со многу пречки. Ова е еден од најкомплексните и најтешките процеси за една држава. Беше обременет во минатото ќе биде и во иднина“, порача Бујар Османи.
По денешна седница на Советот за општи работи на министрите на земјите членки, во четврток треба да се одржи Европскиот совет на премиерите и шефовите на држави на земјите членки. Иако постои теоретска можност да добиеме старт на преговорите, сепак нема големи очекувања дека Бугарија ќе го смени ставот. Заедно со Македонија и Албанија останува блокирана во започнувањето на преговорите.
