Руската разузнавачка служба ФСБ тврди дека обидот за атентат врз генералот Владимир Алексеев во петокот бил нарачан од Безбедносната служба на Украина. ФСБ, исто така, наведува дека полската разузнавачка служба учествувала во регрутирањето на напаѓачите, јавува новинската агенција Интерфакс.
Не се понудени докази за овие тврдења. Украина негираше каква било вмешаност, додека Полска сè уште не ги коментираше обвинувањата. Во меѓувреме, руските безбедносни претставници објавија дека вчера од Дубаи во Москва бил екстрадиран руски државјанин роден во Украина. Тој е осомничен дека сериозно го повредил генералот Алексеев.
Алексеев, заменик-шефот на ГРУ, руската воена разузнавачка служба, беше застрелан во неговата станбена зграда во Москва во петокот и итно префрлен во болница. Руските истражители во петокот објавија дека непознат напаѓач испукал неколку куршуми кон генералот и избегал.
Алексеев бил успешно опериран и се освестил, но и натаму е под медицински надзор.
