Руски дрон удри во станбена зграда во Романија, повредени две лица

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Руски дрон удри во станбена зграда во Романија, членка на НАТО, при што беа повредени две лица во град во близина на украинската граница, соопшти романското Министерство за одбрана.

Земјите-членки на НАТО кои граничат со завојуваните страни се соочуваат со сè поголеми ризици поради засилените ноќни воздушни напади, додека во последните недели и Латвија се соочи со политичка криза поради прашањата околу нејзините одбранбени капацитети по упад на залутан украински дрон.

„Во текот на ноќта меѓу 28 и 29 мај, Руската Федерација ги продолжи нападите со дронови врз цивилни и инфраструктурни цели во Украина, во близина на речната граница со Романија“, соопшти романското Министерство за одбрана.

Според соопштението, еден од дроновите навлегол во романскиот воздушен простор, бил следен со радар до јужниот дел на градот Галац и потоа се урнал врз покрив на станбена зграда, предизвикувајќи пожар.

Итните служби информираа дека две лица со полесни повреди добиле медицинска помош, а пожарот бил брзо изгаснат.

Од почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година, во Романија биле регистрирани десетици упади на дронови, но ова е првпат летало да погоди станбен објект.

Романското Министерство за одбрана соопшти дека по детектирањето на дроновите во воздушниот простор биле подигнати два борбени авиони Ф-16.

Во текот на ноќта, во соседна Украина беше прогласена воздушна тревога поради очекувани руски напади. Локалните власти соопштија дека најмалку две лица биле повредени во напад во јужниот украински регион Запорожје.

Зголемени безбедносни закани

Инцидентот следува по масовниот бран руски напади врз Украина извршени во саботата, кои се сметаат за едни од најжестоките од почетокот на војната.

Русија се закани со дополнително интензивирање на нападите како одговор на украински удар за кој Москва тврди дека усмртил 21 лице во училиште на окупирана украинска територија.

Москва во понеделникот објави дека започнала „систематска“ кампања на напади врз Киев, откако за време на викендот Украина беше нападната со стотици дронови и хиперсонична ракета. Руските власти ги повикаа дипломатите и странските државјани да го напуштат украинскиот главен град.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од САД дополнителна муниција за системите за воздушна одбрана „Патриот“, со цел подобра заштита од руските балистички ракети.

Земјите-членки на НАТО кои граничат со Украина или Русија, меѓу кои Романија, Латвија, Естонија и Полска, се сè почесто изложени на упади на дронови од двете завојувани страни.

Латвија, која граничи со Русија, во четвртокот назначи нова влада, две недели по падот на претходната администрација поради спор околу навлегувањето на украински дронови, што ги откри слабостите во воздушната одбрана на земјата.

Поранешната латвиска премиерка го обвини министерот за одбрана дека не реагирал доволно брзо со системите за заштита од дронови за да спречи два залутани украински дрона, за кои се претпоставува дека биле оттурнати од курсот поради руско електронско попречување.

Иако дроновите предизвикале минимална штета, инцидентите предизвикаа голема загриженост во поранешната советска република, која денес е членка на НАТО и Европската Унија.

Зеленски понуди испраќање експерти во Латвија за помош во зајакнувањето на воздушната одбрана.

Во меѓувреме, дипломатските напори за ставање крај на четиригодишната војна остануваат во застој, откако вниманието на Вашингтон во февруари беше пренасочено кон конфликтот со Иран.

Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика во четвртокот изјави дека Европа не може да дејствува како „неутрален посредник“ меѓу Украина и Русија, откако министрите за надворешни работи на 27-те земји членки разговараа за можните услови за преговори со Москва.

Украина побара Европа, која досега беше ставена во втор план од страна на Вашингтон, да има поголема улога во мировните разговори и предложи назначување европски претставник за преговорите. Сепак, шефот на европската дипломатија нагласи дека ЕУ не може да биде „неутрален посредник“ поради поддршката што ѝ ја дава на Украина.