Руте: Подготвени сме да ја браниме секоја педа од територијата на НАТО

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека бројни руски беспилотни летала го нарушиле полскиот воздушен простор синоќа, по што била активирана воздушната одбрана и биле ангажирани сојузниците на Алијансата.

„Нашата одбрана успешно ја обезбеди територијата на НАТО, точно онака како што беше замислена“, рече генералниот секретар.

Во операцијата учествуваа полски авиони Ф-16, холандски авиони Ф-35, италијански извидувачки авиони АВАКС, транспортни авиони со танкери на НАТО и германски системи Патриот. Тој особено ги пофали пилотите и сите што придонесоа за „брзиот и вешт одговор“.

Северноатлантскиот совет утрово одржа консултации согласно член 4 од Вашингтонскиот договор на барање на Варшава. Сојузниците изразија целосна солидарност со Полска и го осудија, како што беше нагласено, „крајно неодговорното и опасното однесување на Русија“. Проценката на штетата сè уште е во тек, но јасно е дека, според генералниот секретар, „ова не е изолиран случај“.

„Врховниот командант на сојузничките сили ќе продолжи да управува со нашите одбранбени капацитети долж целото источно крило. Сојузниците се решени да ја бранат секоја педа од територијата, а нашата одбрана останува во постојана готовност “, рече тој.