САД и ЕУ ќе го надгледуваат договорот – Ескобар и Борел: Србија и Косово да ги нормализираат односите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Високиот претставник на САД за Западен Балкан и заменик помошник државен секретар Габриел Ескобар го оцени како успешен дијалогот Белград – Приштина, а особено за придонесот на Македонија за постигнување на регионалната стабилност.

Тој ова го изјави по вчерашната 12-часовна средба меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти која се одржа во Охрид. Ескобар истакна дека со ова Македонија докажа дека е доверлив партнер, пријател и сојузник на Соединетите Американски Држави. За исходот од средбата рече дека е постигнат тежок но неопходен договор за натамошните односи меѓу двете земји.

„Ова не само што ги отвора вратите за евроатлантска интеграција за двете земји, туку ги отвора вратите за регионот, да влезе во нова ера на мир. САД ќе се заложат да помогнат во спроведување и тоа спроведување да биде во интерес за двете земји и за регионот. Ќе направиме се што можеме да поддржиме политички, економски и на било кој друг начин за да направиме мирот на Балканот да биде реалност“, вели Габриел Ескобар.

По средбата се обрати и високиот претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел кој истакна дека Србија и Косово мора да ги нормализираат односите, што ќе им го отвори патот кон Европската унија. Она што е постигнато е согласност како да се имплементира договорот постигнат на 27 февруари помеѓу Србија и Косово, истакна Борел.

„Косово се согласи веднаш, кога велам веднаш мислам веднаш на преговорите со Европската унија за дијалог за олеснување,  оформување на соодветно ниво и гаранција дека ќе ја обезбедат на соодветно ниво на самоуправување на Заедницата на српски општини на Косово. Страните исто така се согласија да ја потенцираат декларацијата на исчезнати лица“, додаде Жозеп Борел.

Премиерот Ковачевски ја поздрави согласноста постигната за имплементација на Договорот за патоказот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија кој ќе биде обврзувачки за двете страни на нивниот пат кон Европската унија.

„Мирот, помирувањето и економскиот развој се клучни предуслови за забрзан прогрес за целиот Западен Балкан кон Европската унија. Сакам да им честитам на претседателот Вучиќ и премиерот Курти за нивната храброст и визионерство и да им посакам напредок и успех на сите граѓани на Србија и Косово на нивниот пат кон Европската унија. Северна Македонија секогаш ќе биде пријател на сите земји од соседството“, порача Димитар Ковачевски.

Дијалогот Белград – Приштина заврши доцна синоќа во Охрид со што беше постигнат договор кој е оценет дека ќе има клучна улога во нормализирањето на односите меѓу Србија и Косово.