САД најавија нови 800 милиони долари воена помош за Украина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Администрацијата во Вашингтон најави нови 800 милиони долари воена помош за Украина, за првпат вклучувајќи артилериски системи, борбени дронови и хеликоптери, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

– Тоа ќе бидат истите, но и нови потенцијали досега неиспорачани на Украина, изјави портпаролот на Пентагон, Џон Кирби.

Меѓу досега неиспорачаната помош, најголеми парчиња ќе бидат советските хеликоптери Ми-17, што САД ги пренасочија од Авганистан во Украина. Таа ќе добие 11 такви хеликоптери. Потоа, малите дронови „Свичблејд“ познати и како „камикази дронови-убијци“, 300 парчиња. Тие дронови можат да уништуваат војници и возила.  

И за првпат, Украина од САД ќе добие и хаубици што испалуваат артилириски проектили врз мети на голема далечина. Такви Киев ќе добие 18, заедно со 40.000 полнења муниција за нив. На листата се и крајбрежни морски дронови за одбрана од руските бродови на Црното Море, 200 оклопни транспортери, радари против артилериски оган AN/TPQ-36, како и заштитна опрема од биолошки, радиолошки и нуклеарни напади.  

Ќе се пополнат резервите со илјадници допoлнителни Javelin и Stinger, рачни ракетни фрлачи ефикасно употребувани од украинската армија за гаѓање на руски тенкови и оклопни возила.