Освен забраната за влез во САД, Вашингтон разгледува дополнителни санкции за поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и неговото семејство, како и за апелациониот судија Енвер Беџети. Амбасадорката Анџела Агелер истакна дека можни се мерки кои ќе ги опфатат нивните економски трансакции, но и други. Таа не сакаше да сподели конкретни детали за активностите на Груби и Беџети, но истакна дека е нотиран поткуп. Од Стејт департментот претходно нагласија дека овој поткуп се поврзува со случај против поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков. Од она што е познато, минатата година за судијата Беџети Судскиот совет покрена истрага зашто предолго седел во фиока случајот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува на прислушувањето. Но, до постапка за разрешување не дојде.
„Ние сме повикани според Закон да назначуваме и да санкционираме индивидуи за кои имаме силни докази за криминална корупција. Што ќе се случува потоа е до спроведувачите на законот и правосудството на оваа држава. Но, ќе кажам дека ако ние можеме да ги собереме тие докази, тогаш можат и тие“, изјави амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
Амбасадорката Агелер неколкупати повтори дека доказите се достапни и очекува правосудните органи да преземат акција, како за овој, така и за минатите случаи со лица кои завршија на црната листа. Агелер повтори дека корупцијата е канцер за општеството.
„Овој процес продолжува, секако дека има и други имиња кои се разгледуваат сега и интересно е дека со секое ново назначување, нема да бидете изненадени, но доаѓаат многу често лица со дополнителни докази за неправилности на други лица и колеги. Ова е многу, како што реков, многу динамичен процес“, изјави амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
Агелер повтори дека од осамостојувањето на земјава, САД инвестирале половина милијарда евра во правоусдтвото, но како што оцени, нема добар возврат на инвестицијата.
