САД воведоа царини од 50 отсто за дел од стоките од Канада, откако двете долгогодишни сојузнички земји не успеаја да постигнат трговски договор, при што двете страни меѓусебно се обвинуваат за неуспехот на повеќедневните преговори.
Новите царини стапија во сила веднаш по полноќ и опфаќаат канадска стока во вредност од околу 20 милијарди долари, меѓу која и дрвени хокеарски палки, кои денес ретко се користат. Станува збор за релативно мал дел од трговијата меѓу двете земји – нешто повеќе од 5 отсто од канадскиот извоз во САД.
Сепак, новите царини претставуваат дополнително зголемување на тензиите меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и канадскиот премиер Марк Карни, а најверојатно ќе ги отежнат и пошироките преговори за обновување на Договорот за слободна трговија меѓу САД, Мексико и Канада (USMCA).
Карни изјави дека ги суспендирал трговските преговори и дека Канада ќе возврати со мерки „долар за долар“ на новите царини „Одлучив да ги суспендирам трговските преговори со САД и им наложив на канадските преговарачи да се вратат во Отава“, изјави Карни.
„Тие работеа напорно и со добра волја за да ги одбранат интересите на Канаѓаните во текот на овие преговори, сè до последната минута. Сепак, промените во последен момент во предложените услови од САД беа неправедни, економски неоправдани и ја доведоа во прашање сигурноста на кој било договор“, додаде тој.
Карни, единствената личност која досега била гувернер на централните банки на две големи економии, беше избран минатата година со ветување дека ќе му се спротивстави на Трамп и и натаму ужива широка поддршка. Анкетите покажуваат дека мнозинството Канаѓани се против правењето отстапки кон американскиот претседател.
Само неколку часа претходно се чинеше дека двете страни се блиску до договор. Според извори, договорот би предвидувал намалување на царините за челикот, алуминиумот и автомобилите, а потенцијално и повторно овозможување американски алкохолни пијалаци да се продаваат во канадските продавници за алкохол.
„Вечерва Канада одби да го финализира трговскиот договор според условите што беа договорени претходно оваа недела“, изјави американскиот трговски претставник Џејмисон Грир на брифинг во Белата куќа.
„Ова е пропуштена можност за Канада да соработува со САД, која е најбрзорастечката економија во Г7“, додаде Грир.
Висок претставник на администрацијата на Трамп изјави дека американската понуда би ѝ обезбедила на Канада најповолна царинска позиција од сите големи извозници во САД, но дека Отава побарала дополнителни отстапки, особено во секторите на челикот, алуминиумот, автомобилите и градежното дрво. Според него, не се планирани дополнителни преговори додека САД ги спроведуваат новите царини.
Трамп минатиот месец се закани дека ќе воведе низа царини за различни канадски производи, меѓу кои вино, мебел, млечни производи, цемент, облека, риболовни стапови и хокеарска опрема.
Трговските експерти предупредуваат дека царините, кои не се опфатени со повластениот третман во рамките на договорот USMCA, би можеле сериозно да ги погодат и онака ранливите сектори, што може да доведе до губење работни места и затворање компании.
Одлуката на американската администрација уследи по тридневните преговори во Вашингтон меѓу канадскиот министер задолжен за трговските односи со САД, Доминик Леблан, и Грир.
Новите царини се надоврзуваат на веќе постојните американски царини за челик, градежно дрво и автомобили, сектори кои претрпеа значителни загуби во изминатите 18 месеци, иако негативните последици главно останаа ограничени во рамките на овие индустрии.
