Трета година по ред, улицата на занаетчиите во Тетово се исполни со бои, ракотворби и традиционални елементи.
Околу 40 продавачи и производители од земјава и регионот ги претставија своите производи пред граѓаните, со цел да ја зачуваат долгогодишната традиција.
Учесниците на саемот велат дека се задоволни од интересот на граѓаните. Некои од нив со децении се занимаваат со производство на традиционална храна, а своите производи ги пласираат и на странските пазари.
„Имаме традиција од 22 години. Имаме туршија, ајвар со сите количини според европските стандарди. Извозот во странство изнесува 70 отсто од стоката, домашно производство. Исто така имаме и кечап. Кечапот го имаме… а краставиците сами ги произведуваме. Од полето, па сè до финалниот производ.“
Покрај храната, саемот служеше и како простор за промоција на социјалната работа и интеграцијата. Дел од изложените ракотворби беа изработени од млади лица преку работна терапија, со фокус на рециклирањето.
„Како што можете да видите тука, има предмети и изработки од рециклирачки материјали. Му даваме приоритет на рециклирањето. Овие изработки се направени во ателјето на центарот од група млади лица… над 22-годишна возраст, 11 млади луѓе, кои ја спроведуваат работната терапија во центарот и изработуваат различни предмети.“
„Овие работи ги изработувам сама, со игли за плетење или со хеклање. Чорапи, чанти, комплети, детски чорапи… сè. Рачна работа, со хеклање. Многу луѓе ги купуваат. Но, рачната работа не се цени многу. Сакаат евтино, не сакаат… затоа што е потребно време за изработка. На пример, еден пар чорапи… со малку (заработка). Но, сепак има клиенти, се продава.“
Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, истакна дека целта е враќање на идентитетот на овој регион и помош за занаетчиите нивната страст да ја претворат во семеен бизнис.
„На овогодинешниот саем учествуваат повеќе од 40 изложувачи, луѓе кои се занимаваат со оваа професија повеќе од желба и љубов кон работата, отколку од комерцијален аспект. Затоа и ние се трудиме преку промоцијата на нивните изработки да им помогнеме, од љубовта кон професијата да создадат и семеен бизнис.“, рече Касами.
И покрај предизвиците на пазарот, Саемот на занаети во Тетово продолжува да биде важна платформа за зачувување на културното наследство и поттикнување на локалното претприемништво.
