Од три фирми кои издаваат повеќе од 10 интернет портали утрово одземена е документација, бидејќи МВР и ЈО се сомневаат дека истите го оштетиле буџетот за време на изборната кампања.
„Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција издаде Наредба за проверка на фирми што во предизборниот период наменски отвориле портали без импресум, адреса на седиште и без објавување на ценовник за рекламирање.“, велат од одделението за гонење на организиран криминал и корупција.
Се започнало од Министерството за внатрешни работи, кое доставило до ОЈО известување со кое постои сомневање дека политичките партии за време на предизборниот период платиле политичко рекламирање на интернет портали што биле непосредно отворени и со мала посетеност.
„Во насока на утврдување на наводите од Известувањето, во текот на утрово во координација со обвинителството, Министерството за внатрешни работи спроведе акција при што е одземена документација од три фирми кои ги основале предметните портали, а ќе се прибираат и докази од други релевантни институции“
На последните избори, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ наречена „Обнова на Македонија“ одвоилa убедливо најмногу за реклами на сајтови – 272.000 евра, по неа следи партијата ДУИ со 134.000 евра, додека трета е коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, со потрошени 69.500.
Значителна сума за пропаганда на сајтови од 30.000 евра потрошила и коалицијата Никогаш Северна, секогаш Македонија, предводена од партијата Единствена Македонија на Јанко Бачев.
