Сали на Форумот на ЕУСАИР: На регионот му се потребни повеќе координација, поврзаност и заеднички инвестиции

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Скопје денеска официјално беше отворен 11-тиот Форум на Стратегијата на Европската Унија за Јадранско-јонскиот регион (ЕУСАИР), во организација на Министерството за европски прашања и во рамки на претседавањето на Северна Македонија со ЕУСАИР и Јадранско-јонската иницијатива.

Форумот, кој оваа година се одржува под мотото „Accelerating EUSAIR: From Commitment to Impact“, обедини министри, претставници на Европската комисија, регионални институции, локални власти, меѓународни организации, граѓанскиот сектор и млади од земјите учеснички во Јадранско-јонскиот регион.

Во своето воведно обраќање, Првиот заменик претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, истакна дека макро-регионалната соработка денес претставува стратешки инструмент за зајакнување на стабилноста, отпорноста и европската интеграција на регионот.

„ЕУСАИР не е само регионална платформа за соработка, туку конкретен мост кон постепена европска интеграција. Во време на сериозни геополитички и економски предизвици, на регионот му се потребни повеќе координација, поголема поврзаност и повеќе заеднички инвестиции,“ истакна Сали.

Тој нагласи дека проширувањето на Европската Унија останува стратешка инвестиција за мирот, стабилноста и просперитетот на Европа, при што земјите од Западен Балкан треба да продолжат да напредуваат на европскиот пат преку кредибилни реформи и регионална соработка.

Во рамки на Форумот се одржа и Министерскиот состанок на Јадранско-јонскиот совет/ЕУСАИР, на кој учесничките земји ја усвоија Скопската декларација, со која повторно ја потврдија заложбата за зајакнување на регионалната соработка, поддршката на процесот на проширување и унапредувањето на заедничките европски приоритети.