Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари протоколарна средба со новиот амбасадор на Грција во земјава, Јанис Малукос, на која му посака добредојде и успешен мандат, изразувајќи подготвеност за продлабочување на соработката преку проекти што носат конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите од двете земји.
Во фокусот на разговорот беше прекуграничната соработка. Во рамки на програмата Интеррег на Инструментот за претпристапна помош за периодот 2021–2027, со буџет од околу 30 милиони евра, се спроведуваат 20 проекти со учество на 38 партнери од Северна Македонија. Проектите го поддржуваат развојот на пограничните региони, заштитата на животната средина и соработката меѓу институциите и локалните заедници,соопштија од кабинетот на вицепремиерот Сали
Посебно внимание беше посветено на граничниот премин Маркова Нога–Лемос и дополнителните инвестиции во Преспанскиот Регион. Сали ја истакна важноста на овие проекти за поврзувањето на заедниците, развојот на туризмот и создавањето економски можности. Беа разгледани и гасниот интерконектор Северна Македонија–Грција и модернизацијата на железничките врски долж Коридорот X.
Во однос на процесот на пристапување кон Европската Унија, Сали ја потврди посветеноста на реформите и спроведувањето на Реформската агенда. Тој ја нагласи потребата од кредибилен и предвидлив процес, заснован на заслуги, како и важноста на постепената интеграција што носи конкретни придобивки пред членството.
