Во Тирана за првпат се одржува Самит на Европска унија за Западен Балкан. Премиерот на Албанија, Еди Рама речиси два часа ги пречекуваше лидерите на регионот и на ЕУ.
За време на заедничката фотографија, беа пречекани со албански ора и класична музика. Ова е првпат да се одржува ЕУ-Самит во земја која не е членка на ЕУ, како што е Албанија. Албанскиот премиер Рама рече дека ова е исклучителен ден за кој досега не било размислувано.
„За нас ова е исклучително. Станува збор за нешто што и во најсмелата имагинација не би замислиле дека ќе се случи ова што се случува. Мислам дека ова е силен сигнал, сигнал за свеста на ЕУ, дека на ЕУ ѝ е потребен Западен Балкан, исто како што на Балканот му е потребна ЕУ. До вчера имавме време како во ЕУ, но не можевме да ве пречекаме со такво време, ви донесовме сонце, се надевам дека го цените тоа“, вели Еди Рама.
Истовремено, ова е и првпат француски Претседател да дојде во посета на Албанија.
„Сакам да кажам дека сме многу горди и среќни што сме овде. Мојот добар пријател, премиерот Еди Рама ме покани неколкупати. Тука сум, но ќе се вратам на билатерална средба. Со вакво сончево време, треба да бидете многу горди што сте домаќини на Европската унија“, посочи Емануел Макрон.
На Самитот пристигна и српскиот Претседател, Александар Вучиќ, чие присуство беше неизвесно. Тој пред медиумите рече дека е подобро да седиш на маса, отколку воопшто да не бидеш таму.
„Имаше неколку различни причини. Некои беа поврзани со реакциите на граѓаните за дијалогот со Косово и всушност тоа беше главната причина. По консултации со државните органи, беше одлучено да дојдеме и да дискутираме за сите прашања, бидејќи имаме можност да кажеме што мислиме за ова. Остануваме посветени на процесот на дијалог“, вели Александар Вучиќ.
И претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, овој ден го оцени како историски, не само за Тирана, туку и за односите на ЕУ со Западен Балкан.
„Ова е важен состанок, симболичен состанок. Ова е првпат да се одржува овде, во земја која не е членка на ЕУ. Убеден сум дека иднината на нашите деца ќе биде побезбедна и попросперитетна со Западен Балкан во ЕУ“, порача Шарл Мишел.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека ЕУ изготвила пакет-помош вреден 500 милиони евра за поддршка на Западен Балкан.
„ЕУ усвои пакет – помош во вредност од 500 милиони евра, кои ќе се искористат за помош на семејствата и бизнисите во Западен Балкан, со цел регионот да ги надмине енергетските потешкотии во овие кризни времиња. Исто така усвоивме и друг пакет од 5 милиони евра кои ќе бидат наменети директно за инфраструктурата за чиста енергија, енергија на иднината“, вели Урсула фон дер Лајен.
Тема на разговор на Самитот се последиците од руската инвазија врз Украина во регионот, надворешната и безбедносната политика, како и справувањето со енергетската криза.
