Оптимистички бројки на мал број на заболени а пораст на оздравени. Со денешните 7 нови случаи, за прв пат по еден месец во земјава е регистрирана едноцифрена бројка на новозаболени. Бројот пак на оздравени е за три пати поголем и тој изнесува 24 лица, сите лекувани во домашни услови. Во денешниот биланс има и една почината пациентка на возраст од 70 години, која во болницата 8 септември била примена на 8 овој месец и оттогаш нејзината состојба била тешка. Но дали овие намалени бројки се резултат на реална состојба или пак на намален број тестови , министерот за здравство Венко Филипче вели дека ова , не значи дека го поминавме пикот.
„Знаевме дека ќе се намали бројот на тестовите за време на празниците, тоа беше очекувано. Во текот на минатата недела пак имаше една друга варијација од исклучително голем број на пациенти, за што епидемиолозите сметаат дека е само варијација, исто сметаме и сега дека се уште не сме влезени во период во кој што пикот е поминат и сега можеме да очекуваме консекутивно повеќе денови бројот на случаи да се намали.“, рече Филипче.
Филипче оцени дека растот на новозаболени е линеарен и дека здравствениот систем успешно се справува со третманот на болните. Здравствените капацитети не се оптоварени и има доволен број слободни респиратори. Билансот на излекуваните од вкупно 1231 случај до денеска е 224 лица, сите главно лекувани во домашни услови. Филипче вели дека начинот на лекување и терапијата била одредувана од нивниот матичен лекар.
„Пациентите кои што се на домашно лекување се лекуваат по препорака на матичниот лекар, согласно важечкиот систем, земање на лекови од аптеки, Така што матичниот лекар, во координација, доколку треба со инфектолог, дали од клиника во Скопје или од локалното инфективно одделение ја менаџира работата во однос на терапијата.“, рече Филипче.
Филипче информираше и за тестирањата во затворот Шутка каде претходно почина еден затвореник кај кого беше пронајден корона вирусот. Од околу 50 тестови сите се негативни, а останува непознато како починатиот затвореник се заразил. За случајот во Велес истакна дека е завршен увидот во маркетот со што 15 вработени се пратени во самоизолација, како и еден од Центарот за јавно здравје.
