ПОВЕЌЕ ОД милион посетители го посетија Катар за време на Светското првенство во 2022 година, кое започна на 20 ноември, а заврши во неделата, со 3,4 милиони навивачи кои ги следеа натпреварите на стадионите, соопшти во понеделникот ФИФА. Катарската новинска агенција QNA забележа 3.404.252 гледачи, што е трета најголема посетеност на Светско првенство на ФИФА, зад САД во 1994 година (3.587.538) и Бразил во 2014 година (3.429.873).
Според QNA, на натпреварите од групната фаза присуствувале 2.457.059 луѓе, во осминафиналето 411.609, во четвртфиналето 245.221 и во полуфиналето 157.260. Финалето кое Аргентина го доби против Франција на пенали го следеа 88.966 гледачи, што беше максимален капацитет на стадионот Лусаил, а натпреварот за третото место меѓу Хрватска и Мароко го следеа 44.137 гледачи.
Просечната зафатеност на стадионот е 96,3 отсто, според ФИФА, иако трибините на одредени натпревари од групната фаза беа повеќе од ретки. Вкупниот број на посетители објавен ден по завршувањето на турнирот соодветствува со последните проценки на организаторите, кои првично ја процениле бројката на повеќе од 1,2 милиони.
Саудиска Арабија, Индија, САД, Велика Британија и Мексико се најзастапени нации според бројот на луѓе кои го посетиле Катар, според ФИФА. Првично, влезот во Катар беше ограничен само на носителите на билети за натпревари, но барањата за влез постепено беа олеснети пред и за време на турнирот.
