Силниот дожд предизвика поројни поплави во Босна и Херцеговина, поточно во главниот град Сараево. Дел од жителите мораше да бидат евакуирани. Неколку часа немаше ниту електрична енергија, а голем број улици во главниот град се потопени.
Повеќето делови од Сараево останаа без струја поради поплавување на една од главните трафостаници на периферијата на градот.
Десетици луѓе мораа да бидат евакуирани од своите домови во сараевското предградие Отес и во градот Коњиќ, на околу 50 километри (30 милји) југозападно од главниот град.
„Во текот на изминатиот час евакуиравме осум лица, меѓу кои две постари жени, другите беа средовечни. Утрово евакуиравме дом за стари лица, вкупно 55 лица, 52 пациенти и тројца вработени. Во моментов работиме на терен, ги евакуираме луѓето на кои им е потребна евакуација и доставуваме храна и лекови на другите“, истакна Денис Мемегиќ.
„Сè е поплавено. Само што му се јавив на колега кој ми рече дека не може да излезе од неговата куќа, водата дојде до првиот кат од нивната куќа“, посочи Салих Рамадани.
Дождот започна доцна во четвртокот, а прогнозите велат дека ќе продолжи да паѓа до недела, што ги зголеми стравувањата од повторување на рекордните поплави кои зафатија околу една третина од населението во 2014 година.
