Три породени родилки во скопската гинеколошка болница Чаир, не кажале дека имале контакт со позитивен на коронавирусот, а потоа се докажало дека истите биле позитивни, пренесува порталот САКАМДАКАЖАМ.МК потпирајќи се на изјава на директорот Башким Исмаили, кој додаде дека во моментов 18 медицински работници се во изолација поради недавање на точни податоци на епидемиолошката анкета.
„Една од родилките чиј сопруг бил позитивен ја откривме пред да ја однесеме во родилната сала. Веднаш со возило на Брза помош ја пренесовме на Клиниката за гинекологија. За другите две родилки дознавме дека имале позитивен член на семејството, а потоа и тие се заразиле откако беа пуштени од болница. Навистина, криењето е голем проблем со кој се соочуваме. Апелирам и ги молам родилките, но и сите други пациенти да бидат искрени при епидемиолошката анкета. За недавање на неточни податоци треба да се одговара“, вели директорот Башким Исмаили за порталот.
