Непишаниот изборен принцип во Македонија „победник со победник“ продолжува да биде на сила. Победникот на парламентарните избори што се одржаа на 15-ти јули, почна со неформални контакти со победникот од албанскиот блок. ТВ21 дознава дека СДСМ почнала да ги координира работите со ДУИ околу можноста за формирање на новата Владата.
СДСМ освои 46 пратеници, а со 15-те на ДУИ може да обезбеди просто мнозинство од 61 пратеник за следните четири години. Официјално, двете партии велат дека се на одмор, но како што велат изворите на ТВ21, двата блока го подготвуваат теренот за формални преговори меѓу нивните лидери, Зоран Заев и Али Ахмети.
ТВ21 контактираше со двата табора, кои комуницираат во името на нивните партии.
Претставникот на СДСМ ниту потврдува, ниту негира, додека функционерот на ДУИ пак, децидно негира дека имало контакти или средба меѓу партиите.
„СДСМ и сега по победата постојано е во комуникација со сите политички чинители кои се отворени за поддршка на европскиот и сигурен пат на земјата. Сега е време за одмор. Преговорите со сите европски сили што туркаат напред, а не назад кон режимското и нереформираното ДПМНЕ, ќе започнат веднаш по големиот празник Илинден и конституцијата на новото републичко Собрание. Тоа е тоа што е битно во еден сериозен потфат за иднината на сите генерации, а не дали некој и со кого се сретнал“, вели функционер на СДСМ.
По одговорот кој функционерот на СДСМ ни го даде за овој прилог, тој повторно стапи во контакт со ТВ21, за да се дообјасни во врска со воспоставувањето на контакти на релација СДСМ-ДУИ околу формирање на новата Влада. Тој вели дека немало никаква средба, а дека очекуваат да има по празникот Илинден. „Немаше ниту сега во Македонија, а ниту надвор. Се чудиме на вакви информации“, рече тој.
„Не, не е вистина“, вели функционер на ДУИ.
Лидерот на СДСМ, во текот на изборната кампања, рече дека претпочита ДУИ да замине во опозиција. Но, Али Ахмети, во интервју за ТВ21, изјавата на Заев ја оцени како избрзана, додавајќи дека би сакал повторно да бидат владини партнери.
Независно од изборната кампања, евентуалните партнери на идната владејачка коалиција, се очекува да се сретнат во Речица, за да го усогласат барањето за „премиер Албанец“, услов кој го постави ДУИ во замена на гласовите на 15 пратеници.
Формално, двата табора очекуваат новата Влада да биде формирана најдоцна до третата недела од август. Инаку, Илинден се празнува на 2-ри август.
