Неколку часа пред синдикалниот протест пред Владата, опозицијата ја отвори темата за користењето на државниот авион и го поврза луксузот на функционерите со секојдневниот притисок врз џебовите на работниците. Според СДСМ, премиерот Мицкоски патувал на одмор на Јадранот со државниот авион и со јавни средства, во време кога Владата одбива да го усвои минималниот доход од 600 евра и ја намалила финансиската поддршка за земјоделците.
„Додека граѓаните тешко ги покриваат трошоците за живот, а Владата го одбива минималниот доход од 600 евра и им скратува 40 милиони евра на земјоделците, премиерот ужива во луксуз врз грбот на народот. Како некогаш Никола Груевски, кој купуваше очила од 60.000 евра и луксузен Мерцедес, денес Христијан Мицкоски носи часовник вреден 60.000 евра и има намера да патува со авион на луксузен начин“, порача Богданка Кузеска.
Од Владата реагираат дека државниот авион е користен само во согласност со правилата и законските процедури, со евиденција и институционална контрола, без никаква злоупотреба. Тој е користен и за хуманитарни цели и итни ситуации, вклучително и трагичниот пожар во Кочани. Обвинувањата на опозицијата Владата ги оценува како политичка хипокризија, имајќи предвид дека кога беа на власт, тие ги злоупотребуваа државните ресурси до максимум и никогаш не иницираа суштински реформи.
„Денешните обиди за морализирање од страна на истите актери претставуваат класичен пример на политичка хипокризија. Кога беа на власт, ги уриваа стандардите на отчетност, ги злоупотребуваа службените ресурси до максимум и никогаш не иницираа суштински реформи. Напротив, токму во нивниот период на владеење, јавноста беше сведок на безброј злоупотреби“, велат од Влада.
Инаку, линијата Скопје–Будимпешта е најчесто користената од државниот авион. Според телевизијата Телма, која се повикува на документи од Службата за општи и заеднички работи при Владата, во периодот од јуни 2024 до декември 2025, по формирањето на владата на премиерот Христијан Мицкоски, државниот авион летал кон Будимпешта седум пати. Од министрите, државниот авион најмногу го користел министерот за транспорт и заменик-премиер Александар Николоски – 11 пати, потоа претседателката Гордана Силјановска-Давкова – 13 пати, претседателот на Собранието Гаши – седум летови и премиерот Мицкоски – три летови.
