Директни учесници во организирањето на бегството на Блерим Рамадани е началникот на северната граница со Косово Наим Рамука заедно со уште едно лица вработено во општина Чаир. Ова е само дел од деталите кои Митко Трајчулески пратеник од СДСМ ги изнесе, откако вчера премиерот Мицкоски ја повика опозициската партија да изнесе докази за кои изминатиов период тврди дека ги има. Трајчулевски вели дека информациите ги добиле од свиркачи и бараат Обвинителството да започне истрага, МВР да ги објави снимките од граничниот премин, а министерот Тошковски да си даде оставка.
Наим Рамука со возило рено го земал Блерим Рамадани од живеалиштето каде бил во куќен притвор. Оттаму се упатиле кон границата со Косово кај Блаце и во 18 часот и 40 минути по лентата за товарен сообраќај ја поминале границата без никаква контрола. Наим Рамука, за потсетување е истиот началник на Тошковски кој ги пропушти Гаши и сватовите да поминат без контрола на истата граница, вели Митко Трајчулевски од СДСМ.
Според Трајчулевски Рамадани неколку пати ја поминал границата, прво на 10 август за истиот ден да се врати во Македонија и потоа на 14 август повторно непречено преминал на Косово. Рамука ја приватизирал границата за свои политички потреби со дозвола од министерот Тошковски, вели Трајчулевски.
Вечерта на 10.08 на ист начин, без контрола Рамука и Рамадани ја поминуваат назад границата кон Македонија и Рамадани се враќа во живеалиштето каде требало да биде во куќен притвор. На 14.08 или 4 дена подоцна односно на денот кога Рамадани официјално ја напушта државата преку границата го носи друго лице. За транспорт, овој пат со возило марка фолксваген пасат и скопски регистерски таблички е задолжено лице вработено во општина Чаир како раководител, вели Митко Трајчулевски од СДСМ.
Го повикувам Обвинителството да истражи и доколку не е така како што тврдат од СДСМ да им поднесат тужба за нанесување на угледот и честа изјави премиерот Мицкоски, кој изнесените детали од прес конференцијата на СДСМ ги нарече ноторни лаги.
Јас го охрабрувам Јавното обвинителство бидејќи го повикаа веднаш да влезе уште денесКА. А јас ви тврдам дека тоа што го изнесе тој е ноторна лага. А потоа откако ќе констатира Јавното обвинителство на чело со јавниот обвинител кој што е избран од мнозинството на СДСМ и ДУИ го охрабрувам раководството на Министерството за внатрешни работи оваа работа да ја изведе преку судски пат, преку тужба за клевета и нарушување на угледот и честа во јавноста, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Од ДУИ бараат одговорност и од МВР и од Обвинителството, за, како што велат нивната улога во ослободувањето на Рамадани.
„Со пофални објави на нивните Фејсбук профили, господинот и претприемачки градител Изет Меџити и д-р Арбен Таравари побрзаа да ја преземат заслугата за „ослободувањето“ на поранешниот војник на ОВК.
МВР и Обвинителството мора да ги викне на распит и да одговараат за нивната улога во „ослободувањето“ на Рамадани! Дали конкретно Меџити, но и Таравари, Касами, Гаши, Ќоку се согласуваат со ВМРО ДПМНЕ дека за бегството е одговорен судијата Пајазит Пајазити? Размислуваат ли за одговорноста на МВР како во цел свет?“ – велат од ДУИ.
А, случајот со Блерим Рамадани се враќа на повторно одлучување откако Врховниот суд го укина решението на Кривичниот суд кој, како што се наведува не дал образложени и релевантни причини за донесената одлука и велат дека била нејасна и неразбирлива. Инаку, Кривичниот суд донесе одлука според кој не биле исполнети условите за негова екстрадиција.
