СДСМ: Ние сме шеста најсиромашна земја во Европа – ВМРО-ДПМНЕ: Срамно е да зборуваат за економија, ја уништуваа 7 години

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Коментирајќи го најновиот извештај на „WorldAtlas“, од СДСМ истакнаа дека граѓаните со оваа власт ја чувствуваат вистината за лошата економска состојба преку, како што велат, празните паричници и високите цени.

„Македонија е шеста најсиромашна земја во Европа, објави „WorldAtlas“ додека Христијан Мицкоски секојдневно раскажува бајки за трета економија во Европа. Реалноста е сосема поинаква.

Граѓаните секој ден ја чувствуваат вистината преку празните паричници, високите цени и се потешкиот живот.

Алармантно лоша е и состојбата со Буџетот, снемува пари. Се случува токму она на што СДСМ подолго време предупредуваше.

Нема пари за повисоки плати, нема пари за минимална плата од 600 евра, нема мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните во време на економска криза.

Во исто време расте дефицитот, расте инфлацијата, а ликвидноста на Буџетот е сериозно нарушена“, велат од СДСМ.

Се огласија и од ВМРО-ДПМНЕ, од каде им вратија на СДСМ дека за време на нивното владеење ја уништиле економијата.

„СДС повторно шири паника, манипулации и лажни катастрофични сценарија, истите оние кои 7 години ја уништуваа македонската економија, ја задолжија државата и ги оставија граѓаните со најниски плати и највисока инфлација.

Затоа токму СДС нема кредибилитет да зборува за економија. За време на нивното владеење Македонија беше понижена, економски ослабена и заробена во криминал, тендери и неспособност.

Да потсетиме дека поради криминалната коалиција на СДС и ДУИ предводена од Заев, Филипче и Ахмети, граѓаните живееја со 150 денари на ден, пензиите ги зголемуваа за мизерни 180 денари, платите растеа едвај 5%, додека инфлацијата дивееше со 14%. Народот осиромашуваше секој ден, а Македонија имаше едни од највисоките цени на горивата и најтешка економска криза.

Срамно е СДС денес да зборува за Пошта, кога токму тие, пред официјално да заминат од власт, ги оставија вработените без плата со месеци. Парите предвидени за 12 месеци ги потрошија за само 6 месеци, оставајќи хаос, долгови и институции пред колапс.

Тоа е вистинското наследство на СДС и ДУИ, празна државна каса, криминал, неспособност и уништени институции“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.