Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски одговори на обвинувањата на СДСМ за подарениот имот на генералниот секретар на Владата Игор Јанушев, во кој, како што наведува опозицијата стан има токму и Тошковски. Тој рече дека очекувал нападите да дојдат од ДУИ откако МВР поднесе кривична пријава против внукот на Али Ахмети, но, како што вели СДСМ е во улога на заштитник на криминалите на ДУИ. Иако конкретно не одговори на обвинувањата дали има стан или не, сепак рече дека тоа се само манипулации.
„Жалам што на таков низок и дрзок начин беа фрлани пердуви и беше манипулирана јавноста во текот на вчерашниот ден. Верувајте ми вистината ќе излезе на виделина. Очекувам уште пожестоки напади, лаги и манипулации во иднина, но тоа нема да нѐ поколеба да секој еден од недопирливите, коишто ги знае јавноста со име и презиме, со докази и факти почитувајќи ја пресумпцијата на невиност биде спроведен во рамки на соодветна процесна постапка пред законот“, порача Панче Тошковски.
На ваквата изјава на Тошковски реагираа од СДСМ од каде велат дека министерот одбрал лош начин само за да не одговори на клучните прашања во скандалот со поклонетиот имот на Игор Јанушев вреден 325 илјади евра во зграда каде што и тој има личен имот. Опозиционерите тврдат дека целиот случај со парцелата на која што се наоѓа зградата каде станови имаат и Јанушев и Тошковски е уште од 2010 кога имало процес на денационализација и приватизација.
„Несериозна за граѓаните е изјавата на Тошковски дека информациите за скандалот се „расфрлани пердуви“. Тошковски треба да одговори на јавноста која е неговата улога во целиот случај. Дали Тошковски и Јанушев се јавуваат и како соинвеститори за заедничка изградба на зградата во центарот на Скопје? Како од државно земјиште, се приватизира, се менуваат сопственици, па се гради зграда, која на крај завршува со имот на Тошковски и Јанушев?“, велат од СДСМ.
За овој случај од Антикорупциска комисија информираа дека е оформен предмет за проверка на имотот на генералниот секретар Јанушев врз основа на доставената пријава од Управата за финансиско разузнавање.
