„Додека граѓаните бараат конкретни одговори на клучните прашања, законот за двојно државјанство, исполнување на реформската агенда до јуни, екстрадиција на Груевски, внесување на Бугарите во Уставот, укинување на техничката влада без консензус и меѓународна поддршка, новите задолжувања, економскиот колапс, растот на инфлацијата, поскапувањето на горивата и основните животни намирници, падот на животниот стандард, распространетата сиромаштија и одбивањето да се покачи минималната плата, Мицкоски повторно избира стара тактика: обид за внатрешно слабење на СДСМ“, велат од СДСМ.
„Наместо да одговори на реалните проблеми на граѓаните, тој преку црни кампањи, закани со обвинителство и полиција, преку својата платформа и своите орбановски медиуми, повторно ги активира отпадниците, како Шилегов, Деспотовски и слични „реформатори“ кои всушност работат за обидот за растурање на СДСМ.
Повторно се појавуваат стари приказни, стари играчи, отпадници и исти методи, платени и уценети лица кои треба да внесат немир во редовите на партијата која секојдневно бележи раст и враќа доверба кај граѓаните.
Во исто време, ВМРО-ОКГ е во слободен пад. Загубија над 150.000 гласови поради неисполнети предизборни ветувања, неспособноста да ја води државата, економскиот распад и корупцијата.
Сега се во паника поради почетокот на истрагите во Унгарија за злоупотреба на кинескиот кредит, перењето пари и нивните медиуми во сопственост на Орбан.
Мицкоски и неговата криминална организација знаат дека времето им истекува. Затоа брзаат со изјави кон предвремени избори и истовремено се обидуваат да ја дестабилизираат единствената опозиција.
СДСМ јасно порачува: Ние не сме партија која се плаши од провокации. Ние сме партија која расте, која се реформирала, која внесе нова сила, нова енергија и која консолидира своето избирачко тело, и се подготвува да ја врати довербата на граѓаните и да ја врати Македонија на европскиот пат“, велат од СДСМ.
Одговорија од ВМРО-ДПМНЕ, и ја обвинија СДСМ за редефинирање на македонската историја и идентитет.
„СДС и Филипче за власт би ја редефинирале македонската историја и идентитет.
СДС и Филипче уште веднаш се подготвени да направат ново национално предавство, почнувајќи со уставните измени.
Бугарските власти, јасно кажаа дека уставните измени не се последниот услов кој го имаат за влез на Македонија во ЕУ.
Од една страна, СДС и Филипче велат дека Бугарија не го негирала македонскиот идентитет, а од друга страна, бугарските власти секојдневно велат дека македонската нација постои од 1945 година, дека македонскиот јазик има бугарски корени и дека ние сме еден народ во две држави.
Впрочем, ваков став имаше и менторот на Филипче, Зоран Заев. Оттука е јасно од кого Филипче учи.
СДС и Филипче наместо да слугуваат за друга држава, ги повикуваме еднаш барем да размислат што прават и колку штета и нанесуваат на државата, на македонскиот народ и на сите оние кои го дале животот за неа“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
