Опозициската партија СДСМ најави дека утре ќе организира собир на наставници пред Министерството за образование и наука во Скопје. Под слоганот “Немате оправдувања, покачете ги платите!” тие ќе бараат зголемување на платите за наставниците за 12%. Собирот се одржува како израз на незадоволство од актуелните политики во образованието на сегашната Влада.
-Под слоганот „Немате оправдувања, покачете ги платите!“ ќе побараме да се покачат платите во образованието за 12% и да им се исполнат барањата на наставниците. Овој собир, пред почеток на училишната година е еден аларм, едно предупредување. Тоа е собир на којшто ќе биде искажан револтот од погрешните политики во образованието од страна на владата на ДПМНЕ и Весна Јаневска, вели Даниела Николова, пратеничка на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека „СДС и ДУИ вршат брутална злоупотреба на наставниците организирајќи партиски протест со што докажуваат кој седи позади наводниот синдикат“.
-Сведоци сме на една трагикомична ситуација, СДС кои 7 години беа на власт утре организираат протест пред Министерството за образование и наука. Група членови на СДС ќе протестираат барајќи повисоки плати за наставниците. Протестот го организира довчерашниот државен секретар во МОН, Билјана Казанџиска. Партијата чии министри додека имале можност да работат за народот, јаделе бизонско филе, телешко карпачо и школки плакајќи 400 евра за вечера од службена картичка нема кредибилитет да зборува за ништо, изјави Сергеј Попов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, како најголем синдикат за образование и наука, во кој членуваат над 20.000 просветни работници, се оградува од секаков вид на политички влијанија и дејствија во образованието.
-СОНК има донесено одлука дека ќе примени некакви порадикални средства, се мисли на протести или штрајк. Од тука не треба да има загриженост кај родители, за почетокот на учебната година. Очекуваме до средината на септември да ги заокружиме преговорите или договорите во однос на зголемување на платите, вели Јаким Неделковски од СОНК.
Премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука Весна Јаневска, пак, досега неколку пати изјавија дека тие се на страна на наставниците, но дека не може да ги покачат патите обвинувајќи ја претходната власт дека го потрошила буџетот.
