Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ на Зоран Заев тврди дека го обезбедила потребното мнозинство за формирање влада.
„Тоа ќе се потврди следните денови кога ќе се добие мандатот од претседателот Стево Пендаровски и кога ќе дојде чинот на гласање во парламентот“, велат од СДСМ.
Но, со кого обезбедила СДСМ мнозинство од 61 пратеник, со ДУИ или коалицијата АА-ААА?
Внатрешни извори на ТВ21 од СДСМ велат дека мнозинство имаат без ДУИ меѓутоа, како што објаснува истиот извор, Заев посакува цврсто мнозинство, имајќи ја внатре и ДУИ, но без условот за премиер Албанец!
Лидерот на Интегративците, Али Ахмети не отстапува од барањето за премиер, вели изворот. Доколку нема премиер Албанец и страните не попуштат, ДУИ оди во опозиција, се дознава дека кажале Интегративците. Сето ова се поврзува со вестите кои се проширија низ онлајн медиумите во кои пишуваше дека веќе е постигнат договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за соработка во влада и дека Христијан Мицкоски го прифатил барањето на Ахмети за премиер Албанец, со ротација 2 со 2.
Портпаролот на ДУИ Бујар Османи вели дека последниве денови имало вести кои тој ги нарекува шпекулации. Вели дека официјалните преговори започнале денеска, на средбата Заев- Ахмети, која Османи ја нарекува конструктивна, надежна за успешен епилог, но не и одлучувачка за таков епилог.
Новинар: Може да се подразбере дека шансите се големи премиер да биде Албанец макар и за 1 година?
„Тоа е тоа што не интересира најмногу“.
Бујар Османи: „Да, но ќе треба да почекаме бидејќи не е коректно доколку сите наши позиции ги објавиме на маса. Денеска најмногу е разговарано од аспект на враќање на изгубената доверба во текот на изборната кампања со цел да се создадат предуслови за поставување на маса на нашите позиции. Потребно е уште малку трпение при средбите следниве денови“.
Османи тврди дека ДУИ не исклучува средби ниту со другите партии. На прашањето за можна коалиција ДУИ-ВМРО-ДПМНЕ, портпаролот на Интегративците рече дека “нема да ја остават државата без влада” но не сакаше да зборува за хипотетички ситуации.
Од друга страна, портпаролот на ДПМНЕ, Димче Арсовски ниту ги потврди ниту ги отфрли информациите дека ДПМНЕ ги приближила ставовите со ДУИ за коалиција.
СДСМ има 46 пратеници, а заедно со 15-те на ДУИ и 1 на ДПА ќе успее да обезбеди мнозинство од 62 пратеника.
Доколку СДСМ влезе во коалиција со АА-ААА со 12 пратеници, плус едниот на ДПА, тогаш ќе се обезбеди бројка од 59 пратеници, недоволно за формирање на мнозинството. Ова, повторно отвора дилема – дали Заев успеал да убеди макар тројца пратеници, било од ВМРО-ДПМНЕ, или од ДУИ за да го дадат својот гласат за Владата „Заев 2“?
Во сценариото Владата да ја формираат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, двете партии имаат вкупно 59 пратеници. Имајќи предвид дека недостигаат уште 2 до потребните 61, тогаш тука може да се смета на поддршката од двајцата пратеника на партијата „Левица“.
