Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара повлекување на Законот за игри на среќа од собраниската седница и од него да се тргне европското знаменце. Пратеникот Миле Лефков смета дека се прави злоупотреба на европското знаменце бидејќи, како што истакна измените на законот немаат никаква врска со хармонизација на македонското законодавство со Европската унија. Тој обвини дека зад овие измени стојат интереси на актуелен вицепремиер.
„Група свиркачи до ВМРО-ДПМНЕ изнесоа сериозни аргументи дека ваквото законско решение го има пишувано еден вицепремиер кој неколкукратно ќе го зголеми своето лично богатство доколку овој закон биде донесен. Пред неколку месеци пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ спречи донесување на автентично толкување за формирање на паралелна државна видеолотарија – неуспешен процес кој се одвиваше под покровителство на Артан Груби“, вели Миле Лефков.
Претставниците на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа и Асоцијацијата на спортски обложувалници кои се собраа пред Собранието оценија дека измените на законот се скандалозни, противуставни и ќе предизвика затворање на обложувалниците, а 10 илјади вработени ќе останат на улица. Од двете асоцијации упатија апел до пратениците да не го гласаат законот, а доколку тоа се случи најавија протести.
„Која ЕУ директива предвидува 10.000 луѓе да останат без своите работни места. Апелираме до пратениците да не наседнуваат на лажниот популизам што го шират противниците на легалните игри на среќа. Тие никогаш нема да кажат чии бизнис интереси штитат и нема да преземат одговорност за хаосот кој ќе следи доколку овие законски измени се усвојат“, додаде Горан Стојменов.
„Државата го носи најдеструктивниот закон во историјата кој ќе предизвика затворање на легалната индустрија на игри на среќа и на широка врата ќе се отвори простор за сива економија и за криминал. Денешниот собир е симболичен приказ на нашиот став во однос на законот за игри на среќа, доколку нашите апели не се слушнат подготвени сме и на масовни протести и сериозна борба со цел да го спречиме носењето на овој штетен закон“, вели Васко Илиевски.
Измените за законот за игри на среќа предвидуваат дислокација на објектите од реон каде има училишта, зајакнување на мерките за издавање на лиценци, зголемување на надоместоците за издавање на лиценците како и прецизирање на тоа дека едно трговско друштво може да приредува еден вид игри на среќа.
