И натаму се бара решение за отворените прашања со Бугарија, без да се задира македонскиот идентитет и јазик.
„Во завршна фаза е усогласувањето на еден единствен акциски план со Република Бугарија. Владата цело време е силно мотивирана низ дијалог да се најдат заеднички точки за отворените прашања. Експертските тимови од министерствата за надворешни работи се во постојана комуникација, а министерот Османи најави нов пристап растоварен од емоции. Тоа на некој начин е дополнителен поттик на процесот.“, вели Душко Арсовски, портпаролот на Владата.
Професорот и актуелен советник во Советот на Град Скопје, Владо Поповски смета дека ние имаме посебен јазик и историја и на тоа не смееме да поткелкнеме.
„Тврдењето на таа основа, дека сме ние бугари, дека јазикот ни е бугарски, не е точно, воопшто. И друго, дека сме имале заедничка историја, морам да ви кажам дека тоа е толку излитен аргумент бидејќи се повикуваат на средновековна Бугарија, кога цар Симеон што владееше во Македонија.“, рече Поповски.
Бугарската министерка за надворешни работи пак, Екатерина Захариева, смета дека Бугарија не го оспорува македонскиот идентитет, туку само бара да се спроведе Договорот за добрососедство.
Не е вистина дека го оспоруваме вашиот идентитет. Тоа е лага. Многупати сме го кажувале и вашите политичари го знаат тоа. Но, некако полесно е да се претстави пред вашата јавност и пред европските политичари дека Бугарија го оспорува идентитетот. Мислам дека тоа прашање е решено, со актот на признавањето на вашата независност од страна на Бугарија.
Поповски додава дека имаме заедничка историја со Бугарија, Србија, Византија кога грчкиот елемент бил доминантен 2 века, а со Турција 5 века заедничка историја.
„А најмногу сме живееле заедно со Албанците, под различни власти и ние сме со заедничка историја и ние сме дел од таа историја. Но, сме посебен народ со посебен јазик кој што во рамките на словенските јазици е меѓу српскиот и бугарскиот, но сепак е засебен и има многу извори.“, рече Поповски.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи вчера рече емоциите да се остават настрана бидејќи имало премногу. Од Владата пак уште еднаш апелираат да не се влегува во круг на навреди и обвинувања и говор на омраза кои нема да донесат добро за никого, најмалку за македонскиот и за бугарскиот народ.
Бугарија минатата година стави вето на преговарачката рамка за нашата земја, а тогаш Захариева рече „за држава, заснована врз непријателска идеологија кон Бугарија, нема место во ЕУ“.
