Првиот човек на МВР, Оливер Спасовски запрашан за зголеменото присуство на полицијата во регионот на Арачиново и што се бара во оваа општина рече дека последните рации во оваа се вршат бидејќи се бараат лица кои бегаат од правдата. Спасовски рече дека овие активности се планирани.
И градоначалникот на општина Арачиново, Ридван Ибрахими упати апел до државата да најде подобри начини за решавање на проблемот и да не го користи Арачиново за дневни политики.
„И порано имало рации, дури и во поголеми размери. Посакувам сите тие политичари, особено од македонска страна, да се со добри намери за општина Арачиново, а не само помпезно да ја претставуваат бидејќи е албанска општина и во тоа е проблемот. Дури и да има проблем, да се најдат најдобрите можни начини да се реши, а не да се прават дневни политики. Не верувам дека некој граѓанин е против редовните проверки“, посочи Ридван Ибрахими.
Инаку, Арачиново изминативе денови беше на „мета“ на полицијата. Последниот случај беше во саботата околу 22 часот кога бројни полициски сили ја преплавија оваа општина. Претресени се 54 лица и 11 возила, а приведен е 40-годишен маж, кај кого е пронајден пиштол.