Се исполнува сонот на многу генерации-железничка врска меѓу Скопје и Софија. Многу задоволни лица и еуфорија денеска на железничката станица „Ѓуешево“. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, и неговиот бугарски колега Гроздан Караџов ставија потпис на Договорот за изградба на меѓуграничниот железнички тунел меѓу Македонија и Бугарија, кој е дел од пругата на Коридорот 8.
-Навистина е задоволство денеска да се биде тука во Ѓуешево и да потпишеме еден договор кој што мислам дека е сон на генерации од двете страни на границата, нешто за што сме читале, нешто за што сме уште додека сме биле деца дека двете држави, двата главни града и Софија и Скопје треба да се поврзат со железничка врска, изјави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
-Со потпишувањето на оваа спогодба денес ние се враќаме кон животот повеќе од еден век повеќе 138 години од оцртувањето на првата Балканска таканаречена железница и стартувањето на контактот, врската меѓу Скопје и Софија. Тоа е долга мечта тоа е многу сакан проект, вели Гроздан Караџов, вицепремиер и министер за транспорт на Бугарија.
На свеченоста присуствуваа претставници на Европската комисија, НАТО, на Соединетите Американски Држави, амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер како и претставници на меѓународните финансиски институции.
-Ова е мошне важен договор за двете земји, но и за целиот регион. За целата европска унија и нејзините земји членки, но и за сите истомисленици од меѓународната заедница, изјави Валентина Суперти, директорка на Директоратот за Западен Балкан на ЕК.
Должината на тунелот е околу 2,4 километри, по половина на Македонска и Бугарска страна. На наша страна се три делници. Николовски најави дека во скоро време ќе го покани и вицепремиерот Караџов во Македонија на завршување на пругата од Бељаковце до Крива Паланка, како и на отпочнување на градежните работи на пругата од Крива Паланка до границата. Според најавите, следниот месец ќе се распише повикот за избор на изведувач за тунелот. Пругата кон Бугарија почна да се гради во далечната 1994 година.
