Опозицијата обвинува дека власта скршнува од стратешкиот курс. Според СДСМ, ова може да претставува закана по стабилноста на земјата. Воедно, како што додаваат социјалдемократите, власта ја довела до целосен застој и блокада евроинтеграцијата на државата. Ваквиот став во СДСМ го темелат на одлуката да се гласа воздржано во Обединетите нации за европската резолуција за Украина.
„Согласно она што го гледавме изминатиов период, а секако изминатите денови, за тоа како се движи надворешната политика, како ја менаџира Владата, ги гледавме и оние резолуции коишто беа актуелни и нашето гласање како држава – воздржано.“, вели Сања Лукаревска.
Одговор пристигна од министерот за европски прашања Орхан Муртезани. За ТВ21 тој вели дека работа на секоја опозиција е да ја критикува власта за да печали политички поени. Муртезани додаде дека на СДСМ темата им е промашена.
„Владината коалиција останува силно посветена на полноправното членство во ЕУ и вложува вонредни напори за обезбедување на континуиран и непречен процес на отворање на преговарачките поглавја. Стратешкиот курс на државата кој секако го вклучува и стратешкото партнерство со САД е колосек кој оваа Влада нема намера да го менува.“, вели Орхан Муртезани.
На темата со гласањето во Обединетите нации неодамна реагираа повеќе амбасадори од земјите-членки на Унијата. Во критиките најостар беше полскиот амбасадор Мариуш Бримора, чија земја претседава со Унијата. Коментирајќи го ставот за резолуцијата, тој кажа дека делата се погласни од зборовите.
