Документите и хартијата што беа расфрлани на улицата „Даме Груев“, во непосредна близина на Собранието, не потекнуваат од законодавниот дом, информираат од Собранието, откако ТВ21 утрово објави видео со расфрланите документи.
Од Собранието појаснуваат дека станува збор за хартија што компанија ја презела од друга институција, а при транспортот дошло до проблем поради несоодветно обезбеден товар.
„Превозникот немал соодветно обезбедување на преземениот материјал врз товарниот елемент за превоз на хартија, при што дел од товарот излетал во текот на превозот во непосредна близина на Собранието“, наведуваат од институцијата.
Оттаму додаваат дека Собранието се стреми кон целосна дигитализација на процесите и минимална употреба на хартија. Малите количества хартија што се користат се собираат и чуваат во затворени контејнери, поставени во обезбеден внатрешен периметар, по што ги презема лиценцирана компанија за рециклирање.
Од Собранието информираат и дека по настанот улицата „Даме Груев“ и околните зелени површини биле исчистени.
„Материјалите не се на Собранието, а причината за нередот на улицата „Даме Груев“ е технички проблем на трета страна“, се наведува во реакцијата.
Собранието најавува дека ќе продолжи со тековните активности и со почитување на процедурите за одлагање отпад и рециклирање материјали, согласно стандардите за заштита на животната средина.
