Се пресече лентата за отворањето на Здравствениот дом, во објектот на старата амбуланта во Илинден.
Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека сега пациентите нема да имаат потреба да патуваат надвор од општината за здравствени услуги. Алиу додаде дека ова е пример како локалната власт треба да соработува со централната власт.

„Со инвестиција од над 16 милиони денари, од кои 8 милиони денари од буџетот на Министерството за здравство и уште толку 8 милиони денари од Општина Илинден. Заедно создадовме објект од 600 квадратни метри, распоредени на два ката со 14 модерни ординации внатре“, вели Азир АЛиу.
Премиерот Мицкоски рече дека го исполнуваат ветувањето за здравствена грижа за граѓаните и дека оваа инвестиција од 25 милиони денари е повеќе од објект.

„Ние не градиме само објекти, ние градиме доверба, достоинство и нова надеж во македонското здравство. Надеж во која пациентот е во центарот, а државата се грижи за него, во секој град, во секое село, во секој дом“, вели Христијан Мицкоски.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изјави дека овој објект многупати бил ветуван но не бил реализиран, додавајќи дека како локална власт и тој лично како градоначалник нашле начин да го отворат.
