На претстојните парламентарни избори албанските политички партии ќе настапат во два табора. ВРЕДИ против Европскиот фронт. ВРЕДИ се состои од четири политички партии, а Европскиот фронт се состои од седум политички партии, вклучувајќи ги и Сојузот на ромите и Демократската партија на Турците и евентуално крилото на АА на Села. Доколку досега видовме обединување на мултинационални партии во македонскиот табор, ова првпат се случува кај албанските партии. Според Изет Меџити од коалицијата ВРЕДИ, Европскиот фронт нема да опстане ниту 24 часа по изборите бидејќи според него, доколку ДУИ не влезе во Владата, помалите партии ќе се откажат од неа.
„ДУИ може да ги држи само доколку стане дел од Владата, доколку е опозиција, пишувајте кај сакате, во текот на 24 часа ќе се преполови таа листа и ќе одат со другиот табор. Тие не се таму поради заедничките цели, ниту поради идеалите, тие ги обедини интересот, поделбата на ресорите, поделбата на владините добра.“, вели Изет Меџити.
Од другата страна, Блерим Беџети, од ДУИ пред неколку дена во Клик Плус рече дека обидите на опозицијата за обединување се залудни бидејќи во секој изборен циклус се повторува истиот рефрен и никако не успеваат да ја поразат ДУИ.
„Во секој изборен циклус, парламентарен или локален, опозицијата, албанските политички партии кои се противници на ДУИ, се обидуваа да прикажат дека се обединиле и да создадат мобилизација, демек денес е моментот и денот, на овие избори ние ќе ја порази ДУИ, но сведоци сме дека во секој циклус има ист рефрен, иста фраза од рефренот. Но во секој циклус ДУИ излезе како победник.“, изјави Беџети.
Но, како успеаја да се обединат сите овие албански партии и од каде извираат? Ако ДУИ и ДПА имаат подолго искуство на политичката сцена, други партии се создале подоцна како резултат на незадоволство и поделби внатре во партијата. Секоја политичка партија досега се соочуваше со поделби. Од Движењето Беса, кое за неколку месеци ќе наполни 10 години, излегоа уште тројца лидери кои формираа свои политички партии. Африм Гаши ја напушти Беса и ја формираше Алтернатива. Аријанит Хоџа ја напушти Беса и ја формира Европската демократска партија. Скендер Реџепи, иако неодамна се отцепи од Алтернатива, на почетокот беше дел и од Движењето Беса, го формираше Народното движење. НД-ДПА прво беше формирана од ДПА, која потоа беше ребрендирана во Алијанса за Албанците.
Но, дури и оваа партија неодамна се подели на два дела со двајца различни лидери, Арбен Таравари и Зиадин Села. Додека Судот во Тетово не донесе одлука на кого ќе му припадне партијата, двајцата ги разделија патиштата за учество на изборите, едниот со ВРЕДИИ, а другиот најверојатно со Европскиот фронт. Дури и лидерот на Демократското движење Изет Меџити ја формираше партијата по неговото излегување од Демократската унија за интеграција.
Но, како што велат сите политички актери, во политиката никогаш не кажувај никогаш, а невозможното секогаш станува возможно. Речиси сите оние политички претставници кои меѓусебно се пцуеја, критикуваа и навредуваа, сега повторно се обединија за избори. Најсвежи примери имаме со тројцата политички лидери Мендух Тачи, Скендер Реџепи и Аријанит Хоџа, кои својата политичка кариера ја граделе со наратив против ДУИ. Истата ситуација е и во ВРЕДИ каде Африм Гаши и Билал Касами се поделија и се напаѓаа за партискиот печат. Критиките од двајцата имаше и за Изет Меџити и обратно.
