Се прашува ли за нешто заменик-министерката Исаку? – АА-ААА: Османи ги исклучува професионалците Албанци со критички став

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Заменик-министерката за надворешни работи, Фатмире Исаку, кој доаѓа од редовите на ДПА не сакаше да одговори дали при избор на советниците во Стратегискиот совет за надворешна политика била прашана и таа.

На прашањето на ТВ21 – дали ќе може да добиеме изјава, таа одговори дека нема време поради нејзините активности. Но, кога побаравме да добиеме  барем писмен одговор, од Исаку молк. Од друга страна пак, вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, рече дека изборот на Божиновска е одлука на Османи. Смета дека има црвени линии околу тоа кој може да се вклучи во расправите во Советот. Како што вели, дел од овие дебати не можат да бидат луѓе кои повикувале за нечие елиминирање, само поради тоа што немале исто мислење со некого.

„Јас сум еден од оние кои оставаат простор за севклученост, но севклученост до нивото кога одредени луѓе не повикуваат за нечие елиминирање само поради бојата или јазикот кој го говори. Силно верувам дека едно општество за сите се создава кога сите се вклучуваат и кога на сите им се дава простор да дебатираат и дискутираат, но тоа не значи дека креирањето политики зависи токму од овие луѓе“, вели Фатмир Битиќи.

Министерот, Крешник Бектеши кој доаѓа од редовите на ДУИ, вели дека не ја познава Валентина Божиновска која се закануваше на протестите пред ДИК во 2016 година.

„Да бидеме искрени со вас и јавноста, првпат слушам за Валентина Божиновска. Јас како министер за економија не сум имал можност да слушнам за таа фигура. Немам коментар“, посочи Крешник Бектеши.

Од коалицијата АА-ААА вчерашниот избор го гледаат како постапка за зачувување на кревкото мнозинство.

„Целосно е несфатливо каква стратегија можат да ни подготват компромитирани личности како што е Валентина Божиновска и Срѓан Керим. Ве потсетуваме дека Срѓан Керим беше обвинет за илегален пренос преку граница на пари скриени во шише. Валентина Божиновска и е добро позната на јавноста кога вдахновена од делата на Адолф Хитлер, побара во негов стил да се изврши операцијата ноќ на ножевите“, порача Шефик Дураку.

Во меѓувреме министерот Османи рече дека бил свесен за ставовите на советниците.

„Јас бев свесен за спротивставените ставови  или за тоа дека можат да кренат прашина во јавноста, но тоа беше моја идеја. Стратешки совет кој ќе дебатира, кој ќе спротивставува мислења, но кој  на крај ќе излезе со сеопфатен став за надворешната политика“, истакна Бујар Османи.

Изборот на Божиновска за советничка предизвика реакции во јавноста, а синоќа таа се повлече од Советот поради здравствени причини како што рече за А1он.